Кирил Симеоновски

Палатата очигледно била ненадејно и насилно разурната во првите децении на третиот век пр. н.е., без повторно да биде обновена. За тоа најдобро сведочат стрелите, кои се јавуваат како посебен вид проектили за предизвикување пожар. Нивното откривање – главно во опожарените делови од палатата – на сликовит начин го документираат самиот момент на конечното уништување на палатата, најверојатно во рамките на келтската наезда во 280/279 г. пред нашата ера. За да нема дилеми дали овие стрели им припаѓаат на Келтите, важно е да се напомене дека идентични железни пирамидални врвови од стрели се откриени на локалитетот Глоска Чука – Грчиште кај Валандово. Таму овие врвови од стрели се откриени заедно со врв од копје, оловен проектил, неколку бронзени и железни појасни токи од машка воена опрема и две мамузи, од кои едната изработена од железо, со специфични копчести завршетоци, кои севкупно им се припишуваат на Скордисците, посочува м-р Јовица Илиев

Билазора е антички македонски град чии остатоци се наоѓаат во близината на селото Кнежје, три километри од Свети Николе. Во четвртиот век пред нашата ера, споменатиот град економски и политички се издигнува, а потврда за ова се и повеќето репрезентативни градби, како што е т.н. Владетелска палата. Според м-р Јовица Илиев, станува збор за комплексна градба откриена на најдоминантниот дел на акрополата, сместена во нејзината јужна половина, покрај западниот и источниот бедем, ориентирана во правец североисток – југозапад. Првите остатоци од палатата се откриени во 2011 година, a со систематските истражувања во следните години, степенот на истраженост достигна над 70 отсто.
– Со исклучок на просториите во јужното крило, сите други простории се археолошки целосно истражени и документирани. Сите тие имаат свои посебни архитектонски и градежни решенија, како и различни димензии, намена и инвентар. Меѓу нив се издвојуваат: централната влезна партија – вестибулот со репрезентативен влез од западната и спореден од источната страна; североисточниот коридор; толос-просторијата со нејзиниот вестибул; кујната со трпезаријата; како и источниот, северниот и западниот трем од централниот отворен атриум – истакнува Јовица Илиев.
Треба да се напомене дека кај сите простории во палатата се среќаваат елементи што не се присутни единствено во толос-просторијата, што само по себе ја издвојува оваа просторија од другите. На пример, сите други простории имаат свој посебен фрескоживопис на ѕидовите, како и големи камени прагови, во кои се изделкани жлебови за масивни дрвени врати. Единствено во толос-просторијата ги нема овие два карактеристични градежни белега.
– Вестибулот на толосот од палатата во Билазора претставува квадратна просторија со димензии од 9,75×9,50 метри, која комуницира директно со толосот, а е отворена кон северниот трем, преку кој се доаѓа до централното отворено двориште – атриумот. На западната страна е одвоена од кујната со преграден ѕид од непечени тули. На прагот меѓу северниот трем од атриумот и влезната просторија на толосот се поставени два камени столба изработени во дорски стил, како и еден пиластер прилепен до ѕидот од толосот, врз кого стои капител (сл. 10). Делови од архитравната греда не се откриени, што укажува дека најверојатно била изработена од дрво – нагласува Илиев.

Кирил Симеоновски

Според овој истражувач, подот на вестибулот бил направен од набиена земја премачкана со глина. Освен вообичаените железни врвови од стрели (проектили), кои се откриваат насекаде во палатата, на подот беа откриени мортариум, малоазиска фибула и две монети: една драхма на Александар Трети и една монета на пајонскиот владетел Леон. Овие малобројни наоди зборуваат многу за хронологијата на користење на тој простор, за неговата намена како предворје на толосот, но и за самиот чин на уривање не само на тој простор туку и на целата палата, која насилно страдала во силен пожар.
– Палатата очигледно била ненадејно и насилно разурната во првите децении на третиот век пр. н.е., без повторно да биде обновена. За тоа најдобро сведочат стрелите, кои се јавуваат како посебен вид проектили за предизвикување пожар. Нивното откривање – главно во опожарените делови од палатата – на сликовит начин го документираат самиот момент на конечното уништување на палатата, најверојатно во рамките на келтската наезда во 280/279 г. пред нашата ера. За да нема дилеми дали овие стрели им припаѓаат на Келтите, важно е да се напомене дека идентични железни пирамидални врвови од стрели се откриени на локалитетот Глоска Чука – Грчиште кај Валандово. Таму овие врвови од стрели се откриени заедно со врв од копје, оловен проектил, неколку бронзени и железни појасни токи од машка воена опрема и две мамузи, од кои едната изработена од железо, со специфични копчести завршетоци, кои севкупно им се припишуваат на Скордисците – посочува м-р Јовица Илиев.


Билазора

Билазора е пајонски град од периодот на раната антика. Се наоѓа во Овче Поле; денес наоѓалиштето се вика Градиште, во месноста Славков Дол, кај селото Кнежје. Градот заедно со подградието зафаќал површина од 20 хектари. Според експертите, два значајни датума во историјата на Античка Македонија се поврзуваат со градот Билазора: 217 година пред нашата ера, кога македонскиот крал Филип Петти ја обновил нејзината утврдувачка мрежа, и 168 година пред нашата ера, кога македонскиот крал Персеј во фаза на подготовки за Третата македонско-римска војна успеал да договори воена помош од страна на Галите, кои биле стационирани во близината на Билазора. Во периодот од 2008 до 2012 година, со македонско-американска соработка под раководство на археолозите Стефан Данев и Вилијам Најдингер биле извршени ископувања на акрополот. Истражувањата на акрополот продолжиле во 2013 година како проект на Народниот музеј во Свети Николе во соработка со Институтот за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Систематски била ископувана јужната половина на акрополот, каде што била откриена најзначајната градба во древниот град, т.н. Владетелска палата.

Кирил Симеоновски