Често се случува актерите и актерките во филмовите за кратко време да треба да научат некоја вештина што ја изведуваат ликовите што ги интерпретираат, а понекогаш знаат и да бидат многу добри во тоа. Дублерите можат да им помогнат само до одреден степен, поради што е важно тие да научат да ја прават потребната работа заради улогата.
Многумина од нив ова го гледаат како предизвик, а на крајот од целиот процес се чувствуваат гордо што станале експерти за друга дејност, која дотогаш воопшто не ја практикувале. Во следните редови ќе споменеме неколку примери за оваа појава од Холивуд.

Кијану Ривс научи да сурфа за „Пеколен бран“

Главните ликови на акцискиот филм „Пеколен бран“ се сурфери, поради што актерите што ги толкуваат морале да научат да „јаваат“ на брановите како со години да се занимаваат со овој спорт. Еден од нив беше и Кијану Ривс.
Неговиот инструктор Денис Џарвис изјавил дека младиот актер сигурно никогаш не стапнал на штицата дотогаш, но дека релативно брзо научил да сурфа. Ривс толку многу се вљубил во овој воден спорт што продолжил активно да се занимава со него и по завршувањето на снимањето.

Натали Портман вредно танцуваше балет пред да се појави на снимањето на „Црниот лебед“

Натали Портман одела во балетско училиште како дете, но кога дошло време да глуми во филмот „Црниот лебед“, сфатила дека заборавила многу од оваа танцова вештина. За да се усоврши доволно за да биде убедлива во улогата на балерина, американската актерка одела на часови по балет и по пет часа секој ден. Нејзината работа многу добро се исплатеше, бидејќи филмот беше многу успешен, а на Портман ѝ донесе и „оскар“.

Махершала Али ги совлада основите на свирење пијано за улогата во филмот „Зелена книга“

Бидејќи „Зелена книга“ е филм за пијанистот и композитор Дон Ширли, отсекогаш постоел план актерот што го игра да се научи да свири на пијано, ако веќе не знае.
Според инструкторот, актерот Махершала Али, кој бил избран за оваа улога, бил многу посветен на учењето да свири на овој инструмент. Планот бил нивните часови да траат по еден час, но популарниот холивудски актер инсистирал тие да траат најмалку по три часа.

Том Круз отиде на часови по летање само поради една сцена во филмот „Невозможна мисија: последици“

Том Круз е горд на фактот што ретко ги користи услугите на каскадер и се обидува да ги изведе сите акробации во акциските филмови во кои игра. Тој, исто така, има навика да го шири својот арсенал на вештини за секој серијал на „Невозможна мисија“.
Кога дојде шестиот дел од оваа филмска сага, Круз реши да научи да управува со хеликоптер. Тој за кратко време направил 2.000 часа летање, што му овозможило во една сцена од филмот „Невозможна мисија: последици“ и навистина да го вози ова летало.

Рис Ахмед го научи знаковниот јазик за улогата во филмот „Звукот на металот“

Ликот на Рис Ахмед во филмот „Звукот на металот“ постепено го губи слухот, поради што е принуден да учи знаковен јазик за глуви лица. Исто така, актерот тоа го направил и од почит кон делот од населението што слабо слуша или воопшто не слуша.
Ахмед подоцна признал дека неговиот наставник за знаковен јазик и глувото лице со кое вежбал значително му помогнале да го разбере вистинското значење на човечката комуникација и дека денес многу подобро ги слуша своите соговорници отколку пред да ја научи оваа вештина.