„Спинокио“ е друштвена игра во издание на „Види вака“, која е посветена на медиумската писменост. Се работи за игра во која играчите се во улога на уредници на новински агенции. Идејата е да станат најрелевантна агенција во медиумскиот простор, каде што ќе објавуваат што повеќе професионални вести, а ќе отфрлат дезинформации. Главната задача е да се препознаат дезинформациите и да се направи разлика помеѓу точните и неточните информации.

Во „Спинокио“ можете да ја одберете улогата на новинар, уредник, фоторепортер, инфлуенсер и проверувач на факти. Тие во медиумскиот свет треба да се изборат и да ги лоцираат сите дезинформации. Играта досега ја играа ученици од десет средни училишта на територијата на Македонија. Низ едукативен пристап преку обука и игра, учениците имаа можност да ги запомнат работите што се поврзано со медиумската писменост и дезинформациите.

Мите Кузевски, основач на „Види вака“, вели дека друштвената игра „Спинокио“ има цел да го покрие делот во кој формалното образование потфрла.