Малата лојна жлезда зад градната коска често се нарекува „бескорисна“ во зрелоста. Меѓутоа, една неодамнешна студија сугерира дека тимусната жлезда не е ни приближно непотребна како што мислеа експертите. Американските истражувачи откриле дека луѓето што имале операција на тимусот имаат зголемен ризик од смрт подоцна во животот. Тие исто така се соочуваат со зголемен ризик од развој на рак.

Децата без тимус имаат нарушен одговор на вакцините

Студијата е чисто набљудувачка, што значи дека не може да покаже дека отстранувањето на тимусот директно предизвикува рак или други фатални болести. Но, истражувачите се загрижени за нивните наоди. Понатаму, тие тврдат дека зачувувањето на тимусната жлезда треба да биде клинички приоритет секогаш кога е можно, пишува „Сајенс алерт“.
Познато е дека тимусот игра клучна улога во развојот на имунолошкиот систем во детството. Кога жлездата се отстранува на млада возраст, пациентите покажуваат долгорочно намалување на Т-клетките, кои се еден вид бели крвни зрнца што се борат против бактериите и болестите. Децата без тимус исто така имаат нарушен имунолошки одговор на вакцините.
Меѓутоа, кога ќе го достигнеме пубертетот, тимусот се намалува и произведува многу помалку Т-клетки за телото. Се чини дека може да се отстрани без непосредна штета и, бидејќи е пред срцето, често се отстранува за време на кардиоторакална операција. Тимусот произведува неколку супстанции со хормонално дејство (тимозин, тимопоетин), но нивната функција сè уште не е целосно разјаснета.
Користејќи ги податоците за пациентите од државниот здравствен систем, истражувачите во Бостон ги споредиле исходите на пациентите што биле подложени на кардиоторакална операција: на 1.146 од нив им бил отстранет тимусот, додека на повеќе од 6.000 пациенти (контролната група) не им бил отстранет.

Недостатокот од тимус влијае на имунолошкиот систем

Резултатите покажале дека оние од контролната група што биле подложени на тимектомија имале речиси двојно поголема веројатност да починат во рок од пет години, дури и откако биле земени предвид полот, возраста, расата и другите медицински состојби.
Пациентите на кои им бил отстранет тимусот, исто така, имале двојно поголеми шанси да развијат рак во рок од пет години по операцијата. Покрај тоа, овој рак генерално се покажал како поагресивен и често се враќал по третманот во споредба со контролната група.
Не е познато зошто постои оваа поврзаност, но истражувачите се сомневаат дека недостатокот од тимус некако влијае на здравата функција на имунолошкиот систем на возрасните лица. Подгрупата пациенти во студијата што биле подложени на тимектомија покажале помалку разновидни Т-клеточни рецептори во крвта, што може да придонесе за развој на рак или автоимуни болести по операцијата.
Студијата, насловена „Здравствени последици од отстранување на тимусот кај возрасни“, беше објавена во списанието „Њу Ингланд џрнал оф медисин“.