Српски „Данас“ со препорака
Охридско Езеро, честопати наречено бисер на Балканот, е едно од најубавите и најстари езера во Европа. Сместено на границата меѓу Северна Македонија и Албанија, ова езеро е вистинско природно чудо што привлекува туристи од целиот свет. За многумина ова е совршено место за одмор, бидејќи е опкружено со планини, па топлината што ве пречекува на море овде е незамислива, пишува српски „Данас“ за нашата туристичка дестинација.
Охридско Езеро се наоѓа на височина од 693 метри надморска височина, зафаќа површина од 358 квадратни километри и достигнува максимална длабочина од 288 метри, што го прави едно од најдлабоките езера на Балканот.
Со просечна длабочина од околу 155 метри, ова езеро е живеалиште за многу ендемски видови риби и растенија. Езерото е формирано пред повеќе од три милиони години и се смета за едно од најстарите езера во светот. Водата на езерото е кристално чиста, благодарение на многубројните подводни извори што го хранат, од кои најпознати се изворите Црни Дрим.
Во текстот на „Данас“ се споменуваат богатата историја и култура на Охрид и околината што се протегаат со векови.
– Во неговата околина има многубројни археолошки наоди што сведочат за присуството на различни цивилизации, од праисториски населби до антички грчки и римски градови. Градот Охрид, сместен на брегот на езерото, е едно од најстарите населени места во Европа. Познат како „Ерусалим на Балканот“, Охрид е дом на многу цркви и манастири, поради што е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Охрид бил центар на христијанството во средниот век и еден од најважните културни и духовни центри на Балканот – пишува весникот.
На листата што да се види и да се искуси во Охрид се споменати: стариот град Охрид и неговите тесни камени улички, црквата „Свети Јован Канео“, која се наоѓа на живописно место над езерото, Самуиловата тврдина, манастирот „Свети Наум“ и изворот Црни Дрим, но и винската традиција и охридската пастрмка.