Наскоро ќе имаме можност да ја погледнеме мини-серијата „Понудата“ за снимањето на најдобриот филм на сите времиња, ремек-делото „Кум“, кој ја имаше својата премиера пред точно половина век.
Десетте епизоди од оваа мини-серија ќе ги прикажат сите тешкотии со кои се соочиле режисерот Френсис Форд Копола и продуцентите на оваа реализација додека ја создавале, вклучувајќи ја и блиската средба со членовите на мафијата, кои воопшто не биле среќни да бидат во фокусот на холивудскиот филм.

Во текот на десет епизоди од мини-серијата „Понудата“ ќе го следиме Алберт Руди, кој го игра актерот Мајлс Телер, продуцент од студиото „Парамаунт“ задолжен за реализација на филмската адаптација на бестселерот „Кум“ на Марио Пузо.
– Секој нов ден на работа на „Кум“ беше најлошиот ден во мојот живот дотогаш – изјави еднаш Руди.

Покрај Телер, во серијата играат и Метју Гуд, Џуно Темпл, Ден Фоглер, Колин Хенкс и Џовани Рибиси. Првите три епизоди ги режираше Декстер Флечер, кој е одговорен за биографскиот филм „Рокетмен“ и кој ни дава уште поголема доверба дека нѐ чека нешто посебно.
Премиерата на оваа мини-серија е закажана за 28 април на стриминг-сервисот „Парамаунт плус“.