Фото: Пиксабеј

Американската вселенска агенција НАСА успеа со ласер да испрати видео со ултрависока резолуција од 15 секунди на растојание од над 30 милиони километри.
НАСА не го направи тоа за забава, туку станува збор за експериментот „Дип спејс оптикал комјуникејшнс“. Видеото е испратено од сондата „Псајки“, вредна 1,2 милијарда долари, која беше лансирана во октомври 2023 година. Станува збор за сонда што е на шестгодишна мисија и ќе помине 3,6 милијарди километри. Нејзината средба со редок астероид богат со метал може да објасни како се формирале јадрата на карпестите планети. Видеото од мачката по име Тејтерс беше поставено во сондата пред лансирањето и испратено на Земјата на 11 декември како дел од споредната мисија.
НАСА користеше ласерски примопредавател за да пренесе слики од вселенското летало „Псајки“ до телескопот „Хејл“, лоциран во Паломарската опсерваторија во Сан Диего.
Сликата беше пренесена како кодиран инфрацрвен ласер и помина на растојание 80 пати поголемо од растојанието помеѓу Земјата и Месечината. На ласерот му беа потребни само 101 секунда да стигне до Земјата. Потоа беше преземен и испратен во лабораторијата за млазен погон на НАСА, каде што беше прикажан во реално време за анализа.
НАСА тврди дека успешниот видеопренос е всушност историска пресвртница. Додека сондата „Псајки“ го продолжува своето патување кон астероидот меѓу Марс и Јупитер, таа ќе испрати сигнали до Земјата. Подобрената способност за комуникација од длабоката вселена би можела да игра клучна улога во идните вселенски истражувања, вклучувајќи ги и потенцијалните мисии на Марс.