Екстремните горештини зафатија голем дел од Јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Постојат голем број совети и препораки што можат да ви помогнат да се заштитите во текот на топлите летни месеци. Една од најважните работи е доволно внесување вода. Редовно пијте негазирана вода и нискокалорични пијалаци без кофеин, алкохол и шеќер за да не предизвикате поголема дехидрација.
Избегнувајте дехидрација од топлината со пиење разреден сок, како лимонада, возрасните треба да пијат на секои 1-2 часа, а децата на секои 15-20 минути, една до две лажици или голтка вода. Не чекајте да почувствувате жед за да го зголемите внесувањето течности, ова важи особено за постарите лица што имаат послабо чувство за жед.

Престој на директна сончева светлина треба да се избегнува помеѓу 10 и 17 часот, особено децата, бремените жени, постарите лица, срцевите болни и лицата со хронични заболувања (ментални заболувања, дијабетес итн.).
Носете лесна широка облека со светла боја, изработена од природни материјали. Ако излегувате надвор, носете капа или шешир со широк обод и очила за сонце, а за заштита од директната сончева светлина корисни се и чадори и вентилатори за ладење на воздухот.

Исто така, важно е да се нанесе крем со заштитен фактор. Професорот Брајан Дифи од британската асоцијација на дерматолози за „Телеграф“ вели дека има три работи на кои треба да внимавате при изборот на кремот за сончање.
Прво, потребен ви е заштитен фактор што е соодветен за она што ќе го правите на сонце – потребен ви е СПФ од 30 или поголем ако сакате да бидете надвор на сонце повеќе од само неколку минути. Така, истото тоа важи и за време на топлотните бранови. Пожелно е да се користат заштитни средства со највисок фактор (>30).
Второ, потребен ви е тип на крем за сончање што ќе апсорбира широк опсег на различни УВ-бранови должини. Дифи вели дека треба да се погледне бројот на ѕвезди на кремот. Има максимум пет, а тој советува да се земе кремот што има четири или пет ѕвезди. Тоа значи дека добивате широка заштита низ поголемиот дел од УВ-спектарот.

Трето е она што професорот Дифи го нарекува „усогласеност“.
– Треба да изберете производ што ви е удобен за користење. Ако производот не одговара на вашата кожа, нема да го нанесувате редовно и веројатно нема да ставите доволно густ слој за да ве заштити – вели тој.