Песни што ме тераат да играм

Тие ги имаа полињата со памук, ние полињата со тутун. Тие беа грабнати од својот континент и носени да работат како робови на памуковите полиња на друг континент, а ние на оние што нѐ ограбија отидовме да им садиме тутун таму некаде далеку за подобар живот печалбарски, оставајќи ги нашите полиња во плевели. На тие што се за нив туѓи континенти им беше забрането да комуницираат на сопствените јазици плашејќи се од побуни, нам ни беше забрането да зборуваме на македонски во нашите сопствени дворови. Поради тоа тие почнале да комуницираат на друг начин, да пеат (газдите им дозволувале да пеат, затоа што биле попродуктивни на полињата), а и ние како тие почнавме да пееме и како нив да играме и свириме тажејќи ги секојдневните случувања, со надеж дека, ете, денес-утре ќе помине најтешкото, но пустото не проаѓа. Тие имаа усни хармоники, африкански банџо, акустични гитари, удиралки, а ние имавме гајди, кавали, зурли, тапани. Кога ќе почневме и тие и ние да свириме, пееме и играме (иако оддалечени едни од други со илјадници километри, но и во различни временски периоди), нашите и нивните обесправени, искористени, измачени души се спојуваа, во една единствена точка наречена надеж. Целиот оној чемер, јад, изгубени младости, изгубени достоинства, болки во душата од печалбарите и грабнатите насила деца беа исткаени во песни што излегуваа од нивните тела, мисли, усни. Еден чекор напред – два назад, баш како во животот. Тие тоа го викаа спиритуал, госпел, блуз, соул, џез, а ние, е ние не го викавме тој сам доаѓаше и натежнуваше како што натежнува пушката на заспаниот стражар. Тие го имаа тој прекрасен афроамерикански соул ние го имавме тој бесценет македонски соул.

Тие својот соул го претворија во акламација на животот прифатена и признаена насекаде, и ние пробавме да го сториме истото со нашиот соул, но застанавме во нашето балканско гето. Тие ги имаа Отис Рединг, Анета Френклин, Ал Грин, Блуз, Џез, Роберт Џонсон, Б.Б Кинг, Чарлие Паркер, Марвин Геј, Били Холидеј, Махаила Џексон…, а ние ги имавме Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариевски, Вања Лазарева, Пеце Атанасовски, Тале Огненовски, Светлана Пиринска Бикова, Нико Бочварос Егејски, Стефче Стојковски–Македонски, седумосминскиот такт, тешкото… Музиката, пеењето, играта, дружењето се еден дел од тоа што ги одржа и нив и нас. Тие викаа „Ја сум црн и горд сум со тоа. Африка е земјата на моите дедовци и ако сме црни однадвор нашата душа свети во сите бои исто како и на белците“, а ние викавме „Ја сум Македонец и горд сум со тоа. Нашата душа широка словенска, античкомакедонска, која свети во сите прекрасни бои, она не познава граници“. Кога Одета Баез пее „Oh freedom“, таа пее за Афроамериканците и нивната слобода по цивилната војна. Кога тие ја пеат „Swing low sweet chariot“, тие пеат за поминување на реката Јордан, која во нивните приказни претставуваат првото скалило за добивање слобода. Кога Сем Кук пее „A change is gonna come“, тој пее за промената што ќе дојде кога-тогаш, инспириран од тоа дека не му дозволиле да спие во хотел само затоа што има црна боја на кожата. Кога Роберт Џонсон пее „Sweet home Chicago“, тој пее за американскиот север и запад, каде што нема расизам и сиромаштија како што има долу на делтата на Мисисипи. Кога Сариевски пее „Зајди, Зајди јасно сонце“, тој пее за животот и неговата минливост, измена на младоста и староста, кога Бадев и Васка пеат „Параходот ми пристигна“, тие пеат за параходот што ги носи најздравите македонски чеда таму некаде далеку, оставајќи ги своите стари родители сами, испустувајќи се со тоа што нема никогаш да се вратат.

Кога Пеце со гајдата ќе засвири, кога тапан ќе одекне, кога Стевче Стојчевски-Македонски ќе засвири на кавал и кога ќе тргнат тие седум осмини, чувствуваш дека надоаѓа некое непознато чувство, плима, те дрма и на добро и на лошо, та не знаеш дали да плачеш или да се смееш од немоќ, дали е почеток или крај на животот, тап бол што те удира докрај. Болка до болка и кај нас и кај нив, урлик од душата што не се лекува, и тие и ние само трпи и трпи, е тоа е тој заеднички афроамерикански – македонски соул преточен во песна. Можам само да замислам како е таму некаде горе. Неверојатен бенд составен од Макс Роуч, Мајлс, Пеце, Паркер, Вања, Бадев, Марвин, Колтреин, Огненовски, Нина Симон, Сариевски, Арета, Б.Б Кинг, Манчевски…, кои наизменично пеат и ги свират нашите и нивните соул-песни и безброј души од сите бои споени во едно бесконечно оро. Понекогаш се запрашувам, ако Бадев, Васка, Манчевски, Вања, Сариевски, Пеце, Тале… беа родени некаде 40-тите, 50-тите во минатиот век во САД, дали ќе беа едни од најголемите афроамерикански соул-изведувачи на сите времиња, како што кај нас се најголемите изведувачи на македонскиот соул?

Љупчо Давчев