Во обид да се справат со растечката популација на комарци и да го спречат ширењето болести во Јужна Калифорнија, властите почнаа да користат нов метод, беспилотни летала „вооружени“ со топчиња со спори што се исполнети со бактерии. Станува збор за високотехнолошки беспилотни летала што ја револуционизираат контролата на комарците насочувајќи го нивниот развој во мочуриштата, големите бари и парковите.
Невиденото зголемување на бројот на комарци по зимата, кое донесе исклучително високи количества врнежи, го принуди округот Оринџ да преземе драстични мерки за борба против оваа голема закана.
– Поради дождот има многу повеќе комарци. Можете да видите дека речиси секоја бара овде е полна со вода – рече Џон Севиџ, човекот што управуваше со дронот во резерватот Сан Хоакин Марш.
Вообичаените третмани против комарци вклучуваат интензивни методи како што се распрскувачи, камиони, авиони и хеликоптери, меѓутоа користењето дронови нуди попрецизен и помалку инвазивен пристап.
Киет Нгујен, векторски еколог во областа, вели дека способноста на дронот да пристапи до тешко достапните области е „менување на играта“.
– Ние секогаш бараме напредок во технологијата што може да ја направи работата поефикасно завршена, покорисна за тимот и помалку инвазивна – рече тој.
Додека на работник со ранец ќе му треба повеќе од еден час за да помине 0,4 хектари земја, дронот го прави тоа за помалку од две минути. Овие беспилотни летала исто така ја имаат дополнителната предност на минимално нарушување на локалниот див свет.
– Направивме студии каде што ги набљудувавме птиците. Тие обично се враќаат веднаш откако дронот ќе ја заврши работата. Значи, ако ништо друго, беспилотните летала се подобри за животната средина – рече Севиџ.
Самиот третман е исто така безопасен за другите диви животни и е насочен кон ларви од комарци.
Округот Оринџ прави чекор напред во својата борба против комарците со комбинирање на технолошкиот напредок и внимателно набљудување. Но исто така има цел безбедно да ја регулира неговата употреба, при што округот бара од операторите на беспилотни летала да имаат лиценца за далечински пилот издадена од Федералната управа за авијација, како и лиценца од Регулативата за техничка векторска контрола на Одделот за пестициди во Калифорнија. Дозволено е беспилотни летала да летаат над населените места.
Компанијата „Лидинг еџ ериел текнолоџис“ произведуваат беспилотни летала „пресижн вижн 35“, кои се користат за дистрибуција на третмани со зрнести или течни ларвициди, додека беспилотните летала „инспаер 2“ на „ДЈИ“ вршат надзор.
Додека болестите што ги пренесуваат комарците долго време се закана за јавното здравје, последните случувања предизвикуваат уште поголема загриженост. Управата за превенција на болести на Европската Унија посочи дека поради климатските промени е зголемен ризикот од вирусни заболувања што ги пренесуваат комарците.