Прилепскиот уметник Марјан Стојаноски со изложбата „Панта реи“ се претставува во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Поставката се состои од десетина скулптури, кои ги даваат на увид досегашните авторови остварувања. Работени се во последните три години и досега поставката имаа можност да ја видат љубителите на уметноста во Софија, Скопје и во Неготино. Авторот има реализирано повеќе самостојни изложби во земјава и во странство и над 50 групни изложби и има учествувано на ликовни колонии.
– Скулптурните делови се во рамката на постмодерниот момент на знаковноста, која се стреми да ја достигне својата целовитост во слободен и целосен симбол. Низи форми раѓаат нови волумени, рамнотежата помеѓу лежиштата на телата често е остварена во исклучително тешки спојни точки на балансот од конструктите; комбинирањето на својствата на елементите нудат нови соодносни квалитети и неочекувани тактилни дразби. Впечатливи се и споевите на стакло со метал, соодносот на дрво со метал; тродимензионираните точки на бесконечноста, кои се земени од ликовноста на ренесансната перспектива и се претворени во топки; лепењата на металните полирани плохи со други структури од поинаков тип метал; интересни се и волуменизираните легури од заварувањето во функционалната игра со просторот и дејствуваат како омекнувачи на границите на острата издвоеност на металната линија од надворешноста, но и сите оние микроструктури што создаваат детали, многу важни за општиот суд за делото – се вели во најавата.
Марјан Стојаноски до крајот на годината ќе изложува во Радовиш и во Загреб, а ќе заврши со претставување во КИЦ на Македонија во Истанбул. Тој годинава постави и две монументални дела во Велес и во Кавадарци. Ка.М.