За првпат меѓународен тим истражувачи го истражуваа загадувањето со пластика во езерата на глобално ниво и дојдоа до разочарувачки резултати. Микропластиката сè уште е присутна во езерата навидум недопрени од човечки фактори и, во споредба со океаните, многу поголеми количества микропластика се откриени во езерата.
Меѓународниот истражувачки тим со лимнологот Катрин Атермаер од Универзитетот во Виена се обиде да одговори на ова прашање. Истражувањето беше развиено и водено од Истражувачката група за водна екологија и управување со водите од Универзитетот во Милано-Бикока во Италија.
Во проектот беа земени примероци од 23 езера од 38 земји користејќи го истиот метод. Езерата се избрани така што нивните хидроморфолошки карактеристики како волумен, длабочина, должина на брегот и други антропогени фактори како присуство на пречистителни станици, густина на населеност, покажуваат најголема разновидност и се географски дисперзирани. Затоа, примероците може да се сметаат за глобално репрезентативни.
Пластиката во примероците од водата потоа беше групирана по форма, боја и големина. Излегува дека речиси 94 отсто од пластичните честички во водата се микропластика. Тие го анализирале и хемискиот состав на честичките и дошле до изненадувачки заклучок дека повеќето од нив се полиестер, полипропилен или полиетилен.
– Последните два материјала сочинуваат повеќе од половина од светското производство на пластика – објаснува Атермаер.
Врз основа на количеството пластика во водата, секое езеро доби своја „визит-карта“. Истражувачите ја испитуваа врската помеѓу езерата и можните извори на загадување, како и карактеристиките на сливот. Се покажа дека два вида езера се особено загрозени: оние лоцирани во густо населени, урбанизирани области и оние со големи водни површини. Иако сините или црните полиестерски влакна доминираа во езерата со мала водна површина и плитки и кратки брегови, проѕирните или бели полипропиленски и полиетиленски зрна доминираа во длабоките езера со долги брегови.
Истражувањето исто така покажа дека езерата Лугано, Маџоре и Тахо се веќе позагадени од најзагадените суптропски океански струи во светот. Покрај тоа, пластични честички се пронајдени дури и во водите навидум недопрени од човековата активност.
Резултатите од студијата укажуваат дека езерата можат да бидат добар показател за степенот на глобално загадување со пластика, а во борбата против загадувањето со микропластика треба да се земат предвид и реките и езерата.