Еден од најпопуларните македонски поп-пејачи, Дарио Панковски, кој неодамна прослави 40 години кариера, ќе ја добие наградата за трајни музички вредности на популарната манифестација „Златна бубамара на популарноста“. Дарио ја почна својата кариера во групата „Бон-тон“, има објавено и четири соло-албуми, како и еден во живо.
Публиката што ќе биде присутна на 28. издание на „Златна бубамара на популарноста“, кое ќе се одржи на 19 февруари во арената „Борис Трајковски“, ќе има можност да ужива во спектакуларен настап на Дарио збогатен со танчарите од танцовото студио „Денсерс јунајтед“ и големиот оркестар на „Бубамара“.
Четириесет години кариера во континуитет и безвременските хитови: „Меѓу сите ѕвезди“, „Жена за сто години“, „Зајди јасно сонце“, „Ладна како камен“, „Дупла вотка“, „Косоока“, „Здравје боже“, „Мајко моја родиме“, „Која ли си ти“ и многу други се само потврда за музичкиот траен печат што го остави Дарио изминативе години на нашата сцена. Годинашниот слоган на манифестацијата е „Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“.