фото: Пикселс

Денот на шегата и петте големи медиумски измами во изминативе децении

На први април многумина се трудат да бидат смешни, а на некои тоа и им успева. Светскиот ден на шегата се одбележува во Европа од почетокот на 19 век, меѓутоа постојат многу различни теории како е настанат.
Со развојот на телевизијата во 20 век, во првоаприлското лудило се вклучија и медиумите, а Би-би-си има водечка улога во правењето шеги.

1957 година, Берба на шпагети во Швајцарија

Угледната информативна емисија „Панорама“, на Би-би-си, во 1957 година објави една од најпознатите првоаприлски шеги. Во телевизиска репортажа прикажано е како, благодарение на благата зима, швајцарските фармери уживаат во големиот род на шпагети. Гледачите имаа можност да видат како од дрвата се берат шпагети, пишува Би-би-си.

1962 година, Шведска и чорапи за телевизор во боја
Шведската СВТ (Сверигес телевизија) во вестите објави дека благодарение на новата технологија, гледачите ќе можат да добијат телевизор во боја. Во тоа време СВТ бил единствен телевизиски канал во Шведска и се емитувал во црно-бела слика, така што ова била голема вест. Водителот кажал дека сѐ што треба да направат гледачите е преку телевизорот да навлечат најлонска чорапа, со што ќе добијат слика во боја. Илјадници луѓе пробале тоа да го направат.

1976 година, Кој може подолго да лебди

Познатиот астроном Патрик Мур на 1 април во 1976 година на Радио 2 на Би-би-си најави дека во 9:47 часот луѓето ќе имаат можност да го почувствуваат „гравитациониот ефект на Јупитер и Плутон“.
Тој рекол дека точно во таа минута планетите ќе се израмнат со што гравитацијата на Земјата малку ќе ослабе, па ако некој скокне во вистинкиот момент, ќе може да лебди.
Утрото во Би-би-си се јавиле стотици луѓе кои посведочиле дека успеале да лебдат.
Меѓу нив имало и жена што тврдела дека таа и нејзините 11 пријатели се вивнале и кружеле околу собата, пишува „Гардијан“.

1998 година, Хамбургери за левораки

Синџирот ресторани за брза храна „Бургер кинг“ во 1998 година објави оглас во весникот Ју-ес-еј тудеј дека во понудите има и хамбургер за левораки, специјално измислен за 32 милиони Американци, кои се левораки. „Бургер кинг“ подоцна соопшти дека добил илјадници нарачки.

2008 година, Летечки пингвини на Антарктикот

Една од поновите првопарилски шеги е на на серијата за природа „Чуда на еволуцијата“, што се емитува на Би-би-си, во која наводно биле снимени пингвини што летаат. Водителот Тери Џонс, член на „Монти Пајтон“, е прикажан како шета со пингвините на Антаркиткот и го следи нивниот лет кон амазонските прашуми.

Како први април стана синоним за шега?

Некои веруваат дека традицијата настанала поради промена во календарот. Почетокот на пролетта некои го сметале за почеток на новата година. Кога први јануари почнал да се слави како почеток на годината, останале многумина кои продолжиле да го слават крајот на март, поради што биле исмевани.
Шегите што се одвивале на 1 април, исто така, датираат од времето на древниот Рим. Се смета дека Римјаните и Келтите празнувале фестивал на шегите во време на пролетната рамноденица, која се случува близу до Денот на шегата. Исто така, постои и древен римски мит кој зборува за богот Плутон и неговото киднапирање на Просерпина, божица на житото и жетвата. Мајката на Просерпина можела само да го слушне гласот на својата ќерка и залудно ја барала по огромните пространства на подземниот свет.
Потеклото на овој интернационално признат ден датира уште од библиски денови. Оваа теорија истакнува дека празникот на шегата се слави кога Ное првпат пуштил гулабица да провери дали водата од големата поплава се повлекла. Дека тоа било на први април е потврдено и во хебрејската Библија, како и во 71 сури на Куранот.
Уште една теорија зборува дека Исус бил пратен од страна на Понтие Пилат до Ирод и назад токму на овој ден. Овој пат често е нарекуван и како залудна работа, т.е. како шега. Па токму поради тоа се смета дека тој ден оттогаш се смета и како Ден на шегата.
Една од теориите е поврзана за британскиот крал од 13 век. Имено, овој крал секој пат што го поминувал го прогласувал за јавно добро. Еднаш на 1 април планирал да помине низ дел од градот Нотингемшир. Кога ги слушнале плановите на кралот, граѓаните се одлучиле да не му дозволат да влезе во градот. Кралот поради тоа испратил војска, за да ги казни непослушните граѓани, но кога војската стигнала, цел град се впуштил во будалести активности, како што е давење риби на суво. Кога слушнал како се однесуваат жителите на овој град, кралот го прогласил градот за премногу глупав за казна.