Шефот на наркокартелот, Пабло Ескобар, им остави на Колумбијците необично наследство. Во 1978 година, Ескобар купи пространа колумбиска недвижност што ја наполни со екстравагантни и невообичаени работи, како фудбалско игралиште, статуи на диносауруси, арена за борење и резерват полн со носорози, жирафи, зебри и четири нилски коња.
Откако Ескобар беше убиен во 1993 година, колумбиската влада ја презеде контролата над имотот и ги премести повеќето животни што живееја таму во зоолошки градини. Но нилските коњи, за кои се вели дека Ескобар особено ги сакал, се сметале за премногу агресивни и опасни за преместување. Нилските коњи, оставени на себе, почнале да лутаат по „Хациендата Наполес“, но и далеку од неа. Со текот на времето, тие создале потомци во вештачките езера и во реката Магдалена, па оттогаш се забележани и на 150 милји од имотот. Сега, кога има меѓу 65 и 80 единки, ова стадо обемни суштества претставува проблем за водните екосистеми на Колумбија, поточно нивниот измет.
– На копно тие само јадат. Потоа влегуваат во вода и го исфрлаат изметот цел ден. Во нивното родно африканско живеалиште, овој вид оплодување може да биде корисно бидејќи од копното во водата пренесува хранливи материи како што е силициум. Но во Колумбија не е така, околината каде што живеат сега животните е повлажна, а нивото на водата не е сезонски променлива – изјави Џонатан Шурин, биолог од Сан Диего.
За да го испитаат влијанието на нивниот измет врз екосистемите, група научници тргнаа на двегодишно патување. Научниците зеле примероци на вода од 14 мали езера околу „Хациендата Наполес“, споредувајќи ги квалитетот на водата и нивото на кислород во езерата со нилските коњи и во оние без нив.

Откриле дека цијанобактериите, познати како сино-зелени алги, се повеќе распространети во езерата исполнети со нилски коњи, веројатно затоа што хранливите материи во масивни количества на нивниот измет се оплодуваат од бактерии. Шурин вели дека тоа е вознемирувачко и може да доведе до прекумерно формирање алги што може да доведе до штетни цветања.
Други знаци сугерираат дека животните ја менуваат хемијата на локалните води. Количеството растворен кислород во водата понекогаш паѓа под нивото што рибите можат да го толерираат. Ова може да го отежни животот на растенијата и животните што се приспособиле на екосистемот без овие огромни цицачи.
– Разликите меѓу езерата со нилски коњи и оние без нив се видливи, но сѐ уште не се драматични. Се чини дека тие сè уште не влијаат на количествата и разновидноста на безрбетниците или зоопланктоните. Но ако животните продолжат да се размножуваат, тоа може да се промени. Може да ги има илјадници во следните неколку децении – вели Шурин.

Ефектите на нилските коњи врз водната средина што ја набљудуваме укажуваат на тоа дека одржливиот раст на популацијата претставува закана за квалитетот на водата во езерата и реките, бидејќи тие го прошируваат опсегот низ сливот на реката Магдалена и потенцијално ги колонизираат новите региони на ридот на Карибите, се вели во студијата.
Што да се прави со нилските коњи на Ескобар е тешко прашање. Главните опции се стерилизација, фаќање и преместување или убивање.
– Кастрацијата е опасна, преместувањето е скапо. Процесот на преместување на еден мал нилски коњ во зоолошката градина во Колумбија чинеше 4.500 американски долари. Но справувањето со неколку десетици нилски коњи е многу полесно сега отколку кога ќе се зголеми бројот на илјадници во иднина – верува Шурин.