Начините што се користат за да се охрабри екипажот на една подморница, за тие да се справат со долгата изолација додека се наоѓаат под вода, може да се покажат како непроценливи за оние што во моментов доживуваат психолошка траума за време на карантинот, велат експертите за ментално здравје.

Психотерапевтот Дмитриј Ковпак, кој е специјалист за лекување депресија и фобии во Московскиот институт за психоанализа, вели дека одржувањето соодветен распоред – вклучувајќи строго придржување кон периодите на спиење, работа и одмор, е многу важно за одржување емоционална рамнотежа во текот на долг период на самоизолација. Истовремено, тој е против гледање на изолацијата како продолжен одмор или забава и злоупотреба на алкохол, сугерирајќи дека тоа може само да ја разниша психоемоционалната рамнотежа.

– Како што советуваат капетаните на подморниците, стандардите мора да се почитуваат. Секојдневната рутина е нешто што им помага ним да останат мирни и да ја одржуваат вербата во иднината. Покрај тоа, овој ефект на надеж е исто така важен за одржување на физичкото здравје. Сè додека нема вакцини или лекови (за третман на коронавирусот), нашиот душевен мир и нашиот психолошки баланс се главното оружје што го имаме. Тоа е она што ќе помогне да се одржи нашиот имунолошки систем – истакнува Ковпак.

Светлана Штукарева, директорка на Вишиот факултет за логопедија при Институтот за психоанализа, се согласува со тоа и вели дека иако е тешко за човечката психа да прифати ограничувања, поединците што гледаат можности, а не само предизвици, ќе имаат подобри шанси да ја преживеат кризата со недопрено ментално здравје.
– Виктор Франкл, австриски психолог и затвореник во нацистичките концентрациони логори, зборуваше за феномен познат како неделна невроза. Тој го опишал овој феномен како оној вид депресија што ги погодува луѓето што стануваат свесни за недостиг од содржини во нивните животи, кога динамичното работно темпо завршува кон крајот на неделата и празнината во една личност станува очигледна – вели Штукарева.

Таа напоменува дека најдобар показател за степенот на значењето што го имаме во животот е тоа како го поднесуваме викендот. Истото важи и за тековните околности и заклучувањето.
– Ако самоизолацијата ви предизвикува страдање, тоа е показател дека вашиот живот не бил добар досега. Значи, карантинот е можност да се присетите на сите важни работи и луѓе во вашиот живот – додава Штукарева.