Репликата на „Плаошник“ ја создавав повеќе од една година, вели Стојан Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ почнало кога ја направил воденицата, чие тркало и денес се врти, а потоа со своите десет прсти, кои редовно страдаат при изработката, ги создал и другите реплики: Плаошник, Македонска куќа, Свети Јован Канео и многу други

Кога ќе зачекорите во дворот на последната куќа во скопската населба Керамидница, во која живеат сопружниците Стојан и Кате Арсиќ, ќе имате впечаток дека сте влегле во некоја бајка. Уште пред влезот на патеката ќе ја здогледате репликата на Македонска куќа, буквално иста на оригиналот што се наоѓа во близината на Универзитетската библиотека во центарот на Скопје, една од најубавите зачувани стари градби во нашиот град, која сѐ уште му одолева на времето. Ја изработи Стојан, кој во изминатите петнаесетина години, колку што е преокупиран со ова свое хоби, направил триесетина цркви и стари македонски куќи. Некои од нив се продадени, а другите го красат неговиот двор, кој неколкупати досега бил прогласен за најубав во општината, а во 2016 година беше прогласен и за најубав во Скопје.

Стојан, иако има 67 години, ниеден миг не застанува и не знае за одмор. Тој веќе неколку години е во пензија, а работниот век го минал како наставник по историја и географија во ОУ „Васил Главинов“. Исто така тој е познат и признаен писател за деца и возрасни, има издадено 17 книги, а негови песнички и раскази има и во учебниците по македонски јазик за основците. Бидејќи има немирен дух, летните распусти ги користел на различни начини да ја изрази својата креативност, па, така, се родила и идејата да почне да прави реплики на интересни градби.

Сѐ почнало кога ја направил воденицата, чие тркало и денес се врти, а потоа посветено, со многу труд, одвоено време, пари и љубов, со своите десет прсти, кои редовно страдаат при изработката, ги создал и другите градби.

Најдолго ја изработувал црквата „Плаошник“, која стои во дворот веќе 12 години и веќе ја доби патината, но и бојата на оригиналната верзија што се наоѓа во Охрид.
– Досега сум направил петнаесетина цркви. „Плаошник“ е најтешко и најдолго работена, цели 13 месеци и речиси е невозможно да се помести. Неодамна дојдоа двајца кустоси од Охрид за да одредат колкава е нејзината вистинска вредност. Ми рекоа дека е тешко тоа да се пресмета, бидејќи нема со што да се спореди, зашто е единствена изработка со ваков квалитет во целата земја. Сепак, верувале или не, нивна процена е оти таа вреди околу 110.000 евра, како врвно уметничко дело – ни откри Стојан Арсиќ.

Објаснувајќи како е направен „Плаошник“, Арсиќ додаде дека најпрво се направени внатрешните ѕидови, од бел цемент, обложени со лим.

– Користени се автентични камења, дури и бојата им е иста на оние со кои е направен „Плаошник“ во Охрид. За оваа градба навистина потрошив многу време, само кулата, во која има и ѕвоно, ја правев три месеци. Материјал набавувам од секаде, нешто изработувам сам, имам и калап за ќерамидите, а одлично ја совладав и технологијата на обработка на глина. Со брусилка изделкав еден и пол тон камен, што е тешка физичка работа. Се повредував многупати, но никогаш не кажав лош збор – открива овој голем креативец.

Негова гордост се и прекрасните реплики на црквата „Свети Јован Канео“ во Охрид, Галичката и Крушевската куќа, каде што секој, па и најмал детаљ е направен со љубов. Има дури и низи од тутун, направени од ливчиња лорбер, килимчиња, чергичиња, минијатурен мебел во внатрешноста. Инаку, цената на помалите црквички и објекти е од 300 евра нагоре и речиси сите се на продажба.

Неговата сопруга Кате, која му биле и колешка, бидејќи во истото училиште предавала биологија, ни рече дека во нивната куќа мајстор не влегува, бидејќи Стојан буквално за сѐ го бидува, а има и диплома за бравар, па некои од неговите дела се и кованата ограда, бунарот, а сам го направил и шадрванот, каде што напролет и налето на кафе и на муабет седнуваат драгите гости. Тука е и колекцијата од ретки стари предмети, а за зеленилото во дворот, низ кое весело трча кученцето Бела, е задолжена сопругата Кате. Мирот, па хармонијата на оваа идилична атмосфера го нарушува само бучавата од блиското градилиште, бидејќи, ете, и тука е издадена дозвола да се направи огромна зграда.

Четирите внучиња на Стојан, од ќерката што живее во Скопје и од синот, кој е во Канада, Максим, Елена Катерина, Лана и Михаил, освен што уживаат во убавиот двор и разните вештини на својот дедо, многу ги сакаат и неговите песни, па затоа последната збирка за деца „Раскрилени пораки“ тој им ја посвети ним.

– Песната „Велигден“ сега за празникот ја учат сите деца во Македонија, ја има во учебникот по македонски јазик за петто одделение, а моите внуци ја научија со неполни четири години – вели Арсиќ.

Тој е и член на фестивалскиот совет на државниот детски литературен фестивал „Ракатки“, а неговата поезија е преведувана на повеќе јазици. Напишал и две песни на строврањански јазик, кој го научил од својата баба. Често настапува и патува во регионот, а бидејќи наизуст знае многу песни, често одржува поетски вечери. Во мај ќе ја промовира својата најнова збирка „Новосоница“, за која вели дека е најдоброто и најзрелото што го напишал досега.

Сепак, за најголема радост и задоволство во својот живот тој го издвои факот што бил наставник и работел со деца. А доказ дека бил одличен во тоа е наградата за најдобар наставник во цела Македонија, која ја добил 2006 година.

– Издадов и учебник за настава во приода. Секогаш се трудам тоа што го работам да го правам сериозно, длабоко, без импровизација. Се најдов себеси во професијата наставник и повторно да се родам, пак би го избрал истиот пат. Историјата е наука што се менува, но таа е и учителка на животот. Учениците ме сакаа, бев строг, ама ме почитуваа. Денес кога ќе се сретнеме ми велат: Наставнику, вие бевте пред времето. Токму она време што сакам да го заробам со градбите во мојот двор – ни раскажа неуморниот Стојан Арсиќ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева