До крајот на годината ќе биде отпечатено првото училиште во светот, и тоа во Мадагаскар. Станува збор за хибрид, чии sидови ќе бидат отпечатени на 3Д-печатач, а чии прозорци, врати и покрив ќе бидат изработени од локално собрани материјали, за да можат подобро да се вклопат во околината. Бидејќи 3Д-печатачот има ограничување на дијаметарот што може да го отпечати, училиштето е дизајнирано како збир на меѓусебно поврзани просторни капсули, кои може да се приспособат и прошират по потреба.
Училиштето е дизајнирано од архитектонската агенција „Студио Мортазави“, а ќе биде отпечатено од финската компанија „Хиперион роботикс“, во градот Фјаранарансоа, во Мадагаскар.
Треба да се простира на 230 квадратни метри, а ќе биде наменето за дваесетина студенти. Зад сето тоа стои непрофитната американска организација „Тинкинг хатс“, која сака да го поттикне образованието на места каде што училиштата се реткост. Иако Мадагаскар е водечки производител на ванила во светот, околу 80 отсто од населението во таа островска земја живее во сиромаштија, а 60 отсто од децата од основно училиште не се запишани во училиште затоа што нема место за нив.
Мадагаскар е избран за пилот-проект за 3Д-печатење на училиштата поради големиот економски потенцијал, но и поради политичката стабилност. Доколку проектот се покаже ефикасен, во иднина на целиот остров ќе се печатат училишта.