Првиот знак за појавата на комплекс на инфериорност на „Оскарите“ беше забележан во август минатата година, кога Академијата најави серија промени со цел церемонијата да биде релевантна во денешно време, пишува магазинот „Атлантик“.

Беше планирано да се воспостави нова награда која ќе признава „исклучително достигнување во популарните филмови“, иако критериумите не беа дефинирани. Церемонијата, која се емитува на телевизијата Еј-би-си, исто така, отсега ќе биде со времетраење од три часа, за разлика од претходно кога се емитуваше четири часа. Згора, победниците во неколку категории ќе бидат соопштени за време на комерцијалните паузи, со цел да се задржи одредено темпо што ќе биде интересно за публиката која го следи настанот од дома. Но, незадоволството во јавноста беше толку големо што Академијата реши да го одложи тој план на неодредено време.

Сега, кога до 91-то доделување на „оскарите“ преостануваат нешто помалку од три недели, малку детали се познати за содржината на телевизискиот пренос. Откако останаа без планираниот водител Кевин Харт, продуцентите размислуваат да ги вклучат најславните имиња да доделат одредени награди. Иако е традиција добитниците од претходните години да ги доделуваат „оскарите“ на новите добитници, „Дедлајн“ пренесе дека организаторот сè уште не побарал од победниците од претходното издание (Гери Олдман, Френсис Мекдорманд, Сем Роквел и Алисон Џејни) да ги презентираат наградите. Шоуто, исто така, наводно, се откажало од изведувањето во живо на петте номинирани песни, вклучувајќи го мегахитот „Мери Попинс се враќа“ и песната од документарецот „РБГ“ испеана од Џенифер Хадсон, но продуцентите подоцна попуштиле и за тоа прашање.

Колективно, овие избори сугерираат на очајнички потег за допирање до поголема публика. Рејтинзите на гледаност на „Оскарите“ навистина се во голем пад во последните неколку години, заедно со гледаноста на „Еј-би-си“, кои опаднаа за осум проценти во 2016 година, дополнителни 11 проценти во 2017 година и за уште три проценти минатата година. Рејтинзите се опаднати поради тоа што гледачите денес ја консумираат телевизијата поразлично.

Рејтинзите на Оскарите секогаш варирале. Но, се чини дека гледачите повеќе се интересираат за популарноста на филмовите кои влегуваат во изборот, за глумците и водителот, отколку за формата на самото шоу. Во 2019 година, Дона Џиглиоти и Глен Вајс се обидоа да постават популарен водител избирајќи го Харт, но откако се прочу за неговите хомофобични твитови и шеги, поради справувањето со незадоволството кај гледачите, Харт се повлече од улогата на водител. Поради ова, шоуто остана без водител за првпат од 1989 година.

За таа цел, за да се компензира недостатокот на водител, „Оскарите“ ќе вклучат голем број славни ѕвезди кои би биле презентери. За среќа, многу од номинираните филмови годинава се мегахитови, како на пример „Црниот пантер“, „Ѕвездата е родена“ и „Боемска Рапсодија“.

Незадоволството од промените за церемонијата за „Оскарите“ постојано расте, а истакнати актери изразија разочарување на Твитер.

Академијата за филмски уметности и науки се состои од 17 гранки, вклучувајќи актери, режисери, продуценти, уметници за шминка, кинематографи, уредници, дизајнери за костими… За разлика од другите церемонии што ги игнорираат оние кои технички придонесуваат во креирањето на филмот, „Оскарите“ нив ги прославуваат секоја година, овозможувајќи им да добијат почест заедно со истакнатите автори и режисери со кои соработувале.

Наградите кои се доделуваат за „уредување звук“ и „краток документарец“ одземаат време и го „туркаат“ грандиозниот крај при кој се одбираат најдобар актер, режисер или најдобар филм, длабоко во ноќта. Но, таков беше случајот и кога рејтинзите на „Оскарите“ беа високи. „Оскарите“ претставуваат многу повеќе од отстапувањето на сцената на славните луѓе. Нивна цел е препознавањето на големиот вложен труд и магијата која се наоѓа во секој слој од создавањето на филмовите. Ако рејтинзите се зголемат, воведените промени би биле оценети како успешни, и би можеле да бидат задржани и во наредните години. Доколку тоа се случи, може да се каже дека „Оскарите“ какви што ги знаевме досега, веќе нема да бидат исти.