Естрадниот магазин „Бекстејџ“ се враќа на сцената секој работен ден, од понеделник до петок, по 22 часот на телевизијата Канал 5  

Миа Костова и Мирослав Кацаров, водители на „Бекстејџ“

Естрадниот магазин „Бекстејџ“, кој десет години ги лови ги сите новитети на целата естрада, култура и супкултура, се враќа на телевизиските екрани секој работен ден, од понеделник до петок, по 22 часот, на телевизијата Канал 5. Миа Костова и Мирослав Кацаров се старо-новата водителска двојка што ќе го носи магазинот во нови авантури.

Што ве иницира да го пополните овој дефицит во медиумскиот простор?
Миа: Мислам дека од денот кога заврши, им недостигаше и на екипата и на публиката, дури има коментари дека луѓето се дотолку навикнати на „Бекстејџ“ што некако им било природно дека воопшто не паузирал. Иницијативата беше, секако, на првите луѓе на тимот, кои сфатија дека имаат сила да направат враќање со старо-нова екипа, која прифати на прва со солзи радосници.

Со што ќе ги пополните минутите на „Бекстејџ“? Која задача си ја задавате како тим?
Мирослав: „Бекстејџ“ ќе трае дваесетина минути и ќе си личи сам на себе, ќе личи на оној „Бекстејџ“ што остави голем печат кога е во прашање македонското естрадно новинарство. Во фокусот ни се ексклузивни интервјуа и настани, промоции и предлози за места и градови што треба да ги посетите, информации што многу ѝ се потребни на јавноста, книги, македонска музика, фестивали. Сме успеале некогаш, ќе се обидеме пак да го донесеме светот во Македонија. „Зигет“, „Егзит“, Канскиот филмски фестивал да ни бидат само дел од настаните што ќе ни одбележат една сезона. Лето во Македонија од неколку летувачки дестинации и плажи, известувања за најдобрите журки и концерти.

Десет години на естрадната сцена… што гледате кога ќе погледнете наназад?
Миа: Никој од тимот не е имун на емоции кога се зборува за „Бекстејџ“. Почна навидум наивно, мала редакција со малку луѓе, Маријана Станојковска и покојниот Влатко Илиевски како водителска двојка. Прерасна во магазин што имаше најголема гледаност, колку и главен дневник, магазин чиј заштитен знак станаа убавите водителки, кои своевремено беа повеќе од четири. Екипата едно време имаше над 25 луѓе, се менуваа канали, едни заминуваа, други се враќаа, во меѓувреме станавме македонски супербренд, освоивме „бубамари“, имавме роденденски прослави во кои и ние делевме „ѕвезди“. Од редакција без големи очекувања до магазин број еден во Македонија.

Бекстејџ низ годините се изгради како реномиран бренд. Која е тајната да се опстои на медиумскиот простор?
Миа: Истрајност, многу работа, дисциплина, посветеност и, најважно од сѐ, нема откажување. Колку и да не се нудеше ништо во последните години на македонската естрада, се наоѓаше начин да се сработи една емисија најдобро што може, без да потклекнеме на трендот трач или преземени вести. Важен е и одговорниот уредник, па оние што ја добија таа позиција се покажаа како вистински лидери и професионалци, кои ја држеа екипата на едно место. Така успеавме.

Како каква нација нѐ окарактеризира „Бекстејџ“? Што најмногу ја скокотка љубопитноста на публиката?
Мирослав: Мислам дека, и покрај тоа што сакаме да слушнеме нешто сочно, нешто приватно за некоја славна личност, факт е дека екстра-гледаност сме имале на ексклузивни интервјуа и настани што сме ги пренесувале во живо. Спортски настани во кои Македонија стигнала далеку, а сме биле на самото место или фестивали и концерти на големи ѕвезди. Сметам дека сепак Македонија препознава квалитет.

Кон што се стреми Бекстејџ?
Мирослав: Веројатно секогаш може подобро, па, така, и „Бекстејџ“ со стартот на новата десетта сезона се стреми да биде најдобар досега.

Колку нашето општество прави простор за естрадни магазини? И што сметате дека ни недостига кога станува збор за овој новинарски жанр?
Миа: Задоволни сме, имаме фидбек и суперпублика. А она што недостига најчесто се финансиите, кои носат и најдобри приказни. Но сигурни сме дека ќе го вратиме стариот сјај на „Бекстејџ“ многу бргу.