Енергијата на новиот албум „Wish“ е уште посилна и поиздржана од онаа на првиот „Arival“. Сакав песните да бидат попрогресивни и посилни и музиката да биде прифатлива за сечие уво, вели Кире

Кире Најдовски, гитарист и композитор што живее во САД

Македонскиот гитарист и композитор Кире Најдовски веќе десетина години гради успешна кариера во САД, а деновиве со својот бенд КНБ го издаде и својот втор американски албум, насловен едноставно „Wish“, кој набрзо по појавувањето собра многу позитивни критики и коментари, каде што го нарекуваат рок-фузија и звучна ерупција. Тој членувал во повеќе домашни рок групи, а меѓу последните во „Ласт експедишн“, со која ја сними и култната песна „Шефе“, во чие обновено издание учествуваше и ова лето. Членува и во хардрок-групата „Талас“.

Вториот албум, според критичарите, е многу поквалитетен и помоќен од првиот „Arival“, дали сте задоволен?
– Да, реакциите засега се одлични, а, искрено, во период кога речиси ништо не се случува, луѓето со нетрпение го очекуваа излегувањето на овој албум. Се надевам дека ќе стигне до увото на многу обожаватели и љубители на овој тип музика низ целиот свет. Задоволен сум од конечниот звук, но и од дизајнот и обвивката. Инаку, албумот сега е достапен на порталите Ајтјунс, Спотифај, Амазон мјузик и др. Тука локално може да се купи во многу музички продавници и, се разбира, се испорачува насекаде низ САД. Во план ми е да испорачам цедиња и за македонскиот музички пазар.

Што ве поттикна да го насловите „Wish“?
– Насловот дојде од истоимената песна на албумот, која му е посветена на многу драг пријател и колега музичар, кој, за жал, по кратко боледување, ја загуби битката со ракот. Композицијата е на басистот Дон Торпи од моето трио и е една од ретките песни што буквално можам да ја слушам без престан, а емоциите што ги предизвикува никогаш нема да се намалат.

По што се разликува овој од претходниот албум?
– Од издавањето на мојот прв соло-албум „Arival“ поминаа пет години. Тоа се должеше на нашата презафатеност од работа со други групи и проекти и беше тешко да се најде слободно време за да се заврши материјалот. Меѓутоа, во година кога целиот свет е во застој, сфативме дека е вистинскиот момент да го завршиме албумот. Од март до август сѐ беше готово, и музиката и миксањето. Овој албум се разликува по енергијата, која е уште посилна и поиздржана отколку на првиот. Сакав песните да бидат попрогресивни и посилни. Во секој случај, сакавме да го задржиме нашиот личен израз, без многу продукциски финти и наснимувања, за да се почувствува енергијата на трио-формацијата. Во инструменталната музика во која доминираат гитарите секогаш треба да се осмисли добро целиот концепт. На овој албум имам 11 нови композиции, од кои 10 се инструментални. Овој пат одлучив да направам една вокална песна и за таа пригода го поканив извонредниот Роб Смит, еден од најдобрите машки вокали овде. Оваа песна одлично се вклопи во целиот концепт.

Се надевате ли дека овој носач на звук ќе го зацврсти вашето место на американскиот музички пазар?
– Американскиот пазар е толку голем, моќен и разновиден што воопшто не е лесно да се најдеш на таа голема мапа. Некогаш сето тоа изгледа како научна фантастика. Во денешно време можеби е полесно самиот да се промовираш преку социјалните мрежи и да стигнеш до обожаватели на другиот крај на земјата. Исто така, музичкиот пазар овде е презаситен, што не значи дека не треба да продолжиш да се трудиш и со многу напор и работа да стигнеш онаму каде сакаш и да оствариш некаков свој личен сон. Живеам во Рочестер, во западниот дел на сојузната држава Њујорк, и блиску сум до Нијагарините Водопади и Канада. Во овој регион веќе сум етаблирано име, но сѐ уште континуирано работам да стигнам уште подалеку.

Кој сѐ беше дел од овој музички проект?
– Па, генерално сме речиси истата екипа на музичари и соработници како и на првиот албум. На бас е Дон Торпи, на тапани Емет Ентилучи. Поголемиот дел од миксањето беше направено во Лос Анџелес, во студиото на Крис Вуд. Мастерингот беше направен во Торонто, во музичкото студио „Биг бенг“. Исто така имав неколку специјални гости на клавијатури, виолина и вокали. Сѐ е снимено во неколку локални студија тука, како и во нашите домашни студија.

И Давор Јордановски беше во тимот. Која е неговата заслуга и дали имаше други соработници од Македонија?
– Неговата заслуга е доста значајна, свиреше клавијатури на две песни, миксаше една песна и, што е најбитно, го направи финалниот мастеринг. Ја направи извонредно целата звучна слика и докажа повторно дека е врвен продуцент и музичар, на ниво со светски имиња во таа сфера. Тој е еден од најдобрите музичари со кои сум соработувал, светски а наш! Уште еден Македонец беше дел од овој албум, Костадин Коцо Камчев, кој живее и работи во Њу Џерси веќе долги години. Тој е извонреден продуцент и познавач на својата работа и миксаше една од песните на албумот. Се надевам дека во иднина ќе се зголеми бројот на Македонци со кои ќе соработувам.