Истражувањето треба да помогне во тестирањето лекови што би можеле да се третираат на широк спектар човечки состојби и болести. Но брзиот напредок на биолошката технологија во Кина предизвика етички проблеми и отвори низа прашања во јавноста

Група кинески научници клонирале пет мајмунчиња откако интервенирале во гените што предизвикуваат ментални болести, објавија кинеските медиуми.
Иако ваквите експерименти би можеле да помогнат во развојот на нови лекови во иднина, експериментот најверојатно ќе предизвика етичка загриженост во врска со масовното клонирање на животните.

Во најновите истражувања, тимот од Институтот за невронски мрежи при Кинеската академија на науките користеше генетска алатка позната како КРИСПР/Кас 9 за да се исфрли генот БМАЛ 1 од здравите ембриони.
Сите пет мајмунчиња макаки се родени со идентични гени, кои вклучуваат мутација.
Отсуството на генот БМАЛ 1 ќе влијае врз функционирањето на биолошкиот часовник на животните и може да помогне во надминување широк спектар болести, проблеми со спиењето, ноќна хиперактивност, хормонски нарушувања, депресија, па дури и шизофренија.

Истражувачите веќе имаат одгледувани група генетски модифицирани мајмуни, а најновиот експеримент вклучува клонирање возрасен маж што имал најтешки симптоми.

– Нашиот пристап е да се избере еден мајмун што ги покажува правилните генетски измени и најтешките фенотипови на болести, како донаторски мајмун за клонирање – вели Сан Кианг, научникот што ја предводи студијата.
Кина во моментов е единствената земја што разви технологијата за клонирање на приматот, објавувајќи го раѓањето на двете здрави клонирани мајмунчиња минатата година.

Со децении научниците од целиот свет се мачеа да го постигнат ова научно знаење, бидејќи некои протеини лесно се оштетуваат во процесот на клонирање. Оштетените протеини влијаат врз способноста на хромозомите да се поделат, што значи дека фетусот секогаш умирал во подоцнежната фаза на развојот.
Во најновата студија, тимот на Сан го инјектира јадрото од генетски изменетиот возрасен мажјак во јајце-клетката и го засади оплодениот ембрион во матката на сурогат-мајка.

На овој начин беа создадени повеќе од 300 ембриони, но само пет се целосно развиени.

– Ефикасноста на експериментот е сè уште многу ниска – изјави еден научник од Шангај што не учествувал во студијата.
Научниците што учествувале во процесот сметаат дека овој експеримент е од голема важност за компаниите за лекови.
– Кога ќе развијат нов лек, треба да спроведат голем број тестови врз животни за да ги оценат неговите перформанси и негативни ефекти. Разликите меѓу индивидуалните животни може сериозно да влијаат врз веродостојноста на овие резултати – велат научниците.

Но користењето клонирани мајмуни во истражувањето ќе им овозможи на истражувачите да им дадат различни дози од истиот лек, а потоа прецизно да ги измерат ефектите.

Чанг Хун-Чун, истражувач што учествувал во студијата, рече дека создавањето примати со проблеми со биолошкиот часовник може да помогне во развојот на третманите на низа медицински состојби, како проблеми со спиењето, дијабетесот, ракот и невродегенеративните болести.

Брзиот напредок на биолошката технологија во Кина предизвика етички проблеми и отвори низа прашања во јавноста.

Хи Јианкуи, биолог од Шенген, објави дека создал две генетски модифицирани бебиња минатата година, предизвикувајќи критики на глобално ниво.

Претходно овој месец, кинеските иследници го потврдија раѓањето на две генетски изменети бебиња, наречени Лула и Нана, и рече дека жената што учествувала во неовластениот експеримент на Хи била бремена со друг фетус.

Пу Му-минг, директор на Институтот за невронаука и коавтор на новата студија, вели дека експериментот за клонирање мајмуни има цел да ја подобри благосостојбата на експерименталните животни.

– Оваа студија на истражување ќе помогне да се намали бројот на мајмуните макаки што моментално се користат во биомедицинските истражувања низ целиот свет. Без мешање на генетската заднина, многу помал број клонирани мајмуни што носат фенотипови на болести би можеле да бидат доволни за клинички тестови – рече Пу.

Најновата техника на клонирање ќе им овозможи на истражувачите да создадат лаборатории полни со генетски идентични мајмуни, што би нашло голема примена во научното и медицинското истражување.