ОСУМ МЕСЕЦИ ВО ИЗОЛАЦИЈА

Шест доброволци од Русија, Соединетите Американски Држави и од Обединетите Арапски Емирати ќе поминат осум месеци во затворен простор, во симулирана мисија на Месечината, како дел од меѓународниот изолациски експеримент „Сириус 21“, кој ќе се одвива во Москва.
Според сценариото на експериментот, кој заеднички го изведуваат Институтот за биомедицински истражувања на Руската академија на науките и програмата за човечки истражувања на НАСА, екипажот ќе се „пресели“ на Месечината, ќе „слета“ на нејзината површина и ќе се „врати“ на Земјата – сето тоа во рок од 240 дена, пренесе „Русија денес“.
За време на експериментот, шесте доброволци ќе бидат затворени во автономен објект во руската престолнина, а со контролниот штаб на мисијата ќе комуницираат преку радиоврска, додека со своите роднини и пријатели ќе можат да разменуваат електронска пошта.
Во проектот „Сириус 21“ (научно меѓународно истражување во уникатен експеримент на копнена станица), волонтерите ќе ги извршуваат истите задачи како астронаутите во реалните мисии во вселената, вклучувајќи и секојдневни медицински испитувања и редовен физички тренинг.
За потребите на проектот, волонтерите ќе носат специјални вселенски костими, со шлемови за ВР (виртуелна реалност), за симулирање на активностите на екипажот на површината на сателитот на Земјата. Меѓу другото, од нив се очекува да собираат примероци од почвата и да управуваат со модел на ровер, на „површината“ на Месечината.
Конечниот состав на тимот „Сириус 21“ беше избран непосредно пред „лансирањето“. Во екипажот има тројца мажи и три жени. Русија во експериментот ја претставуваат инструкторот од Центарот за обука на космонаути Олег Блинов, хирургот Викторија Кириченко и Екатерина Карјакина, која во секојдневниот живот работи како стјуардеса. Американската страна во проектот ја сочинуваат Ешли Ковалски од командата на американските вселенски системи и Вилијам Браун, кој дипломирал руски јазик, литература и култура. Шестиот волонтер е Салех Омар ал Амери, пробен космонаут од вселенскиот центар „Мохамед бин Рашид“ во Обединетите Арапски Емирати.
Експериментот беше лансиран откако неколку земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, ја изразија својата намера во наредните децении да изградат бази на Месечината. Проектот „Сириус“ предвидува цела серија експерименти поврзани со изолацијата, кои се подолги на секоја негова нова инсталација. Првата мисија во 2017 година траеше само 17 дена, по што следуваа четиримесечни експерименти во 2018 и 2019 година. Академијата на науките и НАСА планираат да реализираат три едногодишни проекти за изолација пред 2028 година.