„Јутјуб“ и „Бајтденс“ можеби ќе бидат единствените победници додека војуваат другите стриминг-сервиси 

Фајненшел тајмс

Технолошките и медиумските гиганти се во војна со тоа што вложуваат милијарди долари во конкурентските стриминг-сервиси. „Епл“ и „Дизни“ треба наскоро да влезат на пазарот и ќе направат обид да ги победат веќе докажаните играчи како „Нетфликс“ и „Амазон“.

Идната година ќе има уште поголема конкуренција. Среде целата врева, гледачите можеби ќе жалат за денот кога почна посебно да се наплаќа традиционалната телевизија и кабелската програма.

Компаниите направија многу големи влогови. „Епл“ одвои над шест милијарди долари за оригинална содржина, вклучувајќи филмови и серии и како „Утринско шоу“ со Џенифер Анистон, Рис Витерспун и Стив Карел. Во ваквиот скап пробив во оваа сфера, производителот на „Ајфон“ сака да фати чекор со „Нетфликс“ кој веќе вложува 15 милијарди долари годишно на содржини, вклучувајќи ги 500-те милиони долари за ситкомот „Сајнфелд“ што се емитуваше пред 30 години.

Некои ивеститори веќе се загрижени. „Нетфликс“ веќе ја игра оваа игра 12 години и има освоено импресивен дел од светската публика, но сè уште не може да оствари позитивен прилив. Лидерот на пазарот сега губи дел од неговата најдобра содржина, затоа што новите ривали како „Дизни“ ја градат содржината на нивните сервиси. Во меѓувреме, „Епл“ може да си дозволи да вложи најмногу и да понуди најниски цени, па така услугите за „Епл тв плус“ изнесуваат 4,99 долари месечно. Поради ова сите се во можност да изгубат многу пари.

Најочигледната инвеститорска реакција во секторот е во „Еј-ти-енд-ти“ каде корпорацијата „Елиот менаџмент“ зеде удел во познатата телекомуникациска фирма и нареди да не се трошат пари за залудно модернизирање.

„Ејч-би-о“ учествуваше заедно со „Тајм ворнер“ во ланското преземање на „Еј-ти-енд-ти“ кое чинеше 80 милијарди долари, кој следната година ќе претстави свој стриминг-сервис.

Скептиците можеби и премалку алармираат. Опасноста не потекнува од конкуренцијата која може негативно да се одрази на сите, туку од помладата публика која не е заинтересирана за ѕвездите од 1990-тите години, кои директорите многу сакаат да ги ангажираат.

Многу млади гледачи не се премногу заинтересирани за врвните содржини. Наместо тоа, тие генерално гледаат кратки домашни видео-материјали што се објавуваат на платформите како „Јутјуб“, „Снепчет“ и „Тик-так“. „Нетфликс“ се фали со 152 милиони корисници, а само профилот на „Пјудипај“ на „Јутјуб“ има 101 милиони претплатници за неговата евтина и контроверзна содржина.

Сето ова оди во корист на кинескиот „Бајтденс“ во чија сопственост е „Тик-так“ и на американскиот „Алфабет“, сопственикот на „Јутјуб“. Кралевите на платформите во кои корисниците креираат содржини можат слободно да уживаат додека нивните ривали фрлаат пари во залудните напори да победат во војната на стриминг-сервисите.

Превод: Билјана Здравковска