Почетокот на септемвриската сесија во киносалата на Кинотеката е резервиран и за фестивалот на документарни музички филмови „Скопје синема сити“ (3-7 септември), а следуваат и наградуваните македонски филмови: „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска, како и „Втора шанса“ на Марија Џиџева

Кинотеката на Македонија ја обележува неодамнешната смрт на познатиот сценарист Гордан Михиќ со три македонски филма, во кои тој е сценарист или косценарист: „Среќна нова ’49“ на Столе Попов, „Контакт“ на Сергеј Станојковски и „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески. Реализирани во период од две децении и со тројца автори, сосема различни според нивниот естетски сензибилитет, овие три наслови сепак ги обединуваат главните линии на сценаристичкото творештво на Михиќ: социјалната нишка, семејството и судбините на малите луѓе во општествениот контекст.

– Кога пред неколку дена беше објавена веста за смртта на Гордан Михиќ, еден од најкреативните и најпознати филмски сценаристи на тлото на бивша Југославија, меѓу другите сеќавања за човекот што на некој начин го етаблирал занаетот на филмскиот сценарист како професија беше споменат и периодот кога Михиќ, како млад вљубеник во филмот, буквално живеел во киносалата на Југословенската кинотека во Белград. Почетокот на 1960-тите години бил обележан со неверојатната „зараза“ со филмот не само како уметност и(ли) забава туку и како своевиден начин на живот. А Михиќ, како и повеќето филмофили од тој период, ја имал Кинотеката како вистинско светилиште на духот, каде што учел за филмот. Неговата подоцнежна кариера покажа дека самоукиот писател навистина го научил занаетот на „сценарист од општа практика“, испишувајќи стотина сценарија за филмови и ТВ-серии: некои од нив и ден-денес се лектира за идните сценаристи од класичните филмски школи – се вели во соопштението на Кинотеката.

Летово почина и професорот Стефан Сидовски-Сидо, човекот што од „здодевниот“ предмет Марксизам во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ правеше фестивал на љубопитниот и критички дух, последнава деценија ги учеше студентите на универзитетот ЕФТА, предавајќи им историја и теорија на филмот.

– Но многу поважна е неговата улога на децениски неформален учител на десетици и десетици млади филмофили: како што имаше страст до последен момент да ги снима своите аматерски и експериментални филмови, така имаше трпеливост да ги сослуша сите идеи, колку и да се наивни, бидејќи знаеше дека од тој материјал – наивноста – е сочинет почетокот на секој млад филмаџија. Посетителите на Кинотеката добро знаат дека Сидо беше, на многу начини, нејзин заштитен знак, редовен посетител и собеседник на многу филмски теми. Во негова чест ќе проследиме неколку кратки филмови од богатиот опус – најавуваат од Кинотеката на Македонија.

Почетокот на септемвриската сесија во киносалата на Кинотеката е резервиран за фестивалот на документарни музички филмови „Скопје синема сити“ (3-7 септември), а следуваат и наградуваните македонски филмови: „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска, како и „Втора шанса“ на Марија Џиџева.

Септемвриската програма ги содржи и остварувањата на неколку успешни светски автори, кои внесоа свежина во филмската естетика: Хармони Корин со „Скитникот од плажата“, Али Абаси со „Граница“, Лин Ремзи со „Всушност, никогаш не беше тука“.
Овој септември ќе можеме да проследиме и два интересни циклуса од националните кинематографии на Бразил и Русија, со десетината интересни филмски остварувања од различни периоди.