Фото: Мандолински оркестар „Скопје“

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ со успешен настап на меѓународен мандолински фестивал во Измир, Турција

Со подмладен состав, главно составен од ученици од основни и средни училишта од Скопје, мандолинскиот оркестар „Скопје“, под диригентската палка на Ерхан Шукри, со повеќе композиции, го отвори и успешно се претстави на Меѓународниот мандолински фестивал во Измир, кој се одржува викендов во Измир, Турција.

Одличниот избор на композиции, меѓу кои Македонско девојче, Ој девојче (Ти тетовско јаболче), Јовано, Јованке, и други, кои ги изведе Мандолинскиот оркестар „Скопје“, го потврди и публиката, која на моменти запеа по прекрасните звуци, и ги награди со громогласен аплауз.

Фото: Мандолински оркестар „Скопје“

По завршувањето на настапот, голем број од присутните на фестивалот, имаа можност низ разговор да се запознаат со работата и членовите на мандолинскиот оркестар и изразија пофални зборови и големо задоволство од прекрасните изведби.

Фото: Мандолински оркестар „Скопје“

Фестивалот кој е во организација на Факултетот за педагогија Буџа при Универзитетот „9 септември“ од Измир-Турција, се организира втора година по ред, а свој настап ќе имаат над 15 мандолински оркестри.