Фото: Бигорски манастир

Престолнината на Православието, главниот град на некогашната славна Византиска империја, Константинопол, кој според одредбите на светите Вселенски собори е првиот престол на православието и место каде што пребива великата христова црква, повторно беше средоточие во кое притекнаа стотици верни за да бидат дел од прославата на споменот на Светите апостоли Вартоломеј и Варнава и именденот на неговата божествена сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и вселенски патријарх г.г. Вартоломеј, инфомираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека архиереи, клирици, монаси, верни чеда од целата православна екумена, пристигнаа за да ги слеат своите молитви во славниот и сечесен Патријаршиски манастир посветен на живоприемниот источник на Пресвета Богородица – Балаклија. Тоа е местото каде што вселенскиот патријарх, на денот на споменот на светите апостоли Вартоломеј и Варнава, традиционално го прославува својот именден.

Фото: Бигорски манастир

-Ликуваше древниот и славен храм на мајката божја, оддавајќи му достојна почит на првојерахот во православната црква, кој ревносно, со света одговорност и со свештена посветеност ја пази чистотата на православната вера и го чува свештениот поредок во црквата божја. Ликуваа сите присутни, бликајќи со небоземна радост, торжествуваше целата православна заедница, изразувајќи му ја соборната љубов на својот првопрестолен патријарх – една искрена и топла љубов, која извира од смирението и почитта кон светите отци на Вселенските собори – нагласуваат од манастирот.

На ова празнично торжество, со благослов надлежниот митрополит Тимотеј, му се придружија и монашки заедници од манастирите: Бигорски, Рајчица и Пречиста, предводени од возљубениот ни Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

Фото: Бигорски манастир

Посебна радост на Вселенскиот патријарх му предизвика и пеењето на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, придружувани од музичарите Петар Христов и Влатко Затаратоски, кои по Вечерната богослужба го збогатија празничното торжество со неколку изведби на традиционални народни песни со православна содржина, веселејќи ги сите присутни во дворот на манастирот Балаклија.