Илија Волчески, актер
Матична куќа му е прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, неговиот театарски опус има над триесет претстави, a „Да, инспекторе (претстава со грешки)“ е последната во низата. Дел е од актерската екипа на филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, а последно го глуми Стефан во краткиот филм на Сергеј Сарчевски, „Баунти“. Илија Волчески има завршено на Факултетот за драмски уметности, го живее цутот на кариерата и со полн жар ги чека следните актерски улоги.
Носечки лик сте во „Баунти“. Какво е сижето на филмот?
– „Баунти“ е филм што прикажува колку луѓето денес, особено младите, се преокупирани со „вредностите“ и обврските во денешно време, така што забораваат и ги губат вистинските вредности, пред сè љубовта во семејството и нормално, трпението. Преку мојот лик (Стефан) се гледа токму тоа, колку промените што треба да ги прифатиме всадуваат негативност и отпор. Не велам дека порано немало вакви случаи и вакви луѓе. Ги имало и ќе ги има. Само во денешново модерно време сè ни е пред нос (што е одлично од една страна), го губиме човечното во нас и повеќе сме во искушение. Пак ќе нагласам дека и сега има луѓе што се на вистинскиот пат. Стефан успева да го согледа тоа.
Играте во претставата „Да, инспекторе (претстава со грешки)“, за што станува збор?
– Претставата е мистерија, трилер, Агата Кристи… Темата е многу сериозна. Драмското аматерско друштво на чело со директорот, кој е наедно и режисер на претставата, се потрудило да создаде ремек-дело, да излезе најдоброто од него, нормално во условите што ги има. Но некои работи тргнуваат наопаку, некои… Не би сакал да го откривам крајот, но сум сигурен дека не е онаков каков што би претпоставувале дури ја гледате претставата.
Како е да се биде актер во прилепскиот театар, со каква динамика живее институцијата?
– Чувството е фантастично, колективот исто така. Има голем елан за работа. Единствено што не штима е динамиката. Таа не е баш на некое завидно ниво, особено не сега кога сме во време на пандемија, а и претходно не беше нешто за фалење. Навистина мислам дека фали малку повеќе ажурност и да се изразам музички, доста е „адаџо“, ајде малку „виво, престо“. Сепак ова е моето гледиште, како неофицијален дел од ансамблот во прилепскиот театар, затоа што не сум уште вработен, но верувам дека со ова ќе се согласат и другите.
Вашето актерско портфолио содржи повеќе актерски трансформации, улоги, искуства… Кој одигран лик го сметате за највисок дострел и која улога ви донесе актерска зрелост?
– Функционирам на принципот секогаш со секоја нова улога да ги поместувам границите напред. Но, човек сум. Се случува некогаш малку да стагнирам. Тоа е во ред, затоа што е малку. Проблем е ако тој период трае долго. Зрелоста и искуството растат со секоја нова улога и на филм и во театар. Најголема разлика почувствував кога од „стакленото ѕвоно“ (ФДУ), бев повикан да играм претстава во прилепскиот театар. Сум играл и пред академијата, но тогаш некако возбудата и одговорноста беа на друго, повисоко ниво.
Во време кога сѐ, па и уметноста е централизирана во Скопје, помалку сме свесни колку уметноста вирее надвор, се чувствува ли тој јаз?
– Баш така, Скопје е пренатрупано со/за многу работи. Но уметноста вирее и надвор од Скопје. Свесни сме и ние уметниците, а и публиката. Мило ми е што тоа се цени. Има доволно простор за сите, но понекогаш кога треба нешто брзо да се заврши, работи или кога буџетот и ограничен, се случува колегите од Скопје да имаат мала предност. Но исто се случува и кога се работат проекти на друго место, па тогаш тамошните локалци имаат предност. Тоа е нормално донекаде. Одлично би било и да има некаков систем или повеќе гостувања меѓу театрите и колегите.
Како да заживее сцената во Прилеп?
– Можат да се сменат многу работи. Мал бев, но се сеќавам кога по претстави се остануваше во театар и се дискутираше, кога имаше критика за која сносиш одговорност. Постарите колеги секогаш ни велат: „Останете, не мора да правите муабет за театар. Останете… Секогаш излегува нешто“. Се согласувам со нив од една страна. А од друга страна, од сите тие долги разговори, некогаш се корисни само пет минути. Ти треба да си паметен и да ги најдеш тие пет минути. Сега малку поконкретно. Кога станува збор за театарот, недостигаат пoголем репертоар, подобар маркетинг, повеќе ред и дисциплина, повеќе позитивна константност, помалку его, повеќе одговорност, повеќе шанса за младите, но никако да не се изоставаат постарите со нивното искуство, личности што не се компетентни да донесуваат одлуки. Горе-долу исто е за музичката сцена, за жал. Си земам за право и за музиката да искоментирам затоа што и таму сум делумно активен и ја следам.
Кога не глумите, свирите кларинет и саксофон. Колку музичката и актерската уметност се испреплетуваат?
– Одлично прашање. Ми предизвика возбуда уште додека го читав. Поврзаноста на двете уметности за мене е нераскинлива, цврста, длабоко врежана во мене. Музиката уште од мал е дел од мене, исто како и спортот и театарот. Секој човек постојано има некаква музика во себе. Среќен сум што многупати сум имал можност да ги изведувам двете работи на сцената истовремено. Тие ми се најомилени сцени. Уживам да соработувам со музичарите во претставите, а и надвор од нив. Двете уметности распламтуваат страст во мене, но истовремено и посебен и ист начин.