Концертот на составот „ДУО” од Србија, со Јован Богосављевиќ, виолина и Бојан Младеновиќ, пијано ќе се одржи денеска во 20 часот во НУЦК „Антон Панов“, на малата сцена како дел од програмата на второто издание на фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“. Фестивалот е посветен на камерната музика и се одржува до 9 јуни на неколку локации во Струмица.
Јован Богосављевиќ е водечки српски виолинист на својата генерација. Своето образование го завршил во класата на познатиот виолинист и педагог Игор Оистрах на Кралскиот конзерваториум во Брисел, Белгија. Како солист одржа над илјада концерти низ светот, учествувајќи како солист на бројни значајни музички фестивали. Покрај богатиот репертоар за виолина, како солист ги изведе повеќето од најпрестижните и најпребирливите концерти за виолина и оркестар во соработка со врвни диригенти. Јован Богосављевиќ е редовен професор на Факултетот за уметности на Универзитетот во Ниш и на Музичката академија на Универзитетот во Источно Сараево.
Бојан Младеновиќ (1983) дипломирал во 2007 година, а специјализирал во 2013 година на Катедрата за пијано на ФМУ во Белград, во класата на проф. м-р Лидијa Станковиќ. Моментално е докторант на ФМУ во Белград, на Катедрата за камерна музика, во класата на проф. д-р Дејан Суботиќ. Професионално се обучил на курсевите А. Валдмa (Естонија), К. Гекиќ (Хрватска) и Ј. Кота (Украина). Неговата интензивна уметничка активност првенствено се рефлектира во многу чести јавни настапи во земјата и странство бројни рецитали на камерна музика, потоа самостојни изведби, како и во форма на концерти каде што учествува како корепетитор или член на оркестарот.