„Сертификат за кафе“ е изложба на Башким Меџити, која ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во изложбениот салон на НУ центар за култура „Трајко Прокопиев во Куманово. Станува збор за самостојна изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот тетовски универзитет, Башким Меџити. Организатор и координатор на проектот е Националната галерија на Македонија.

Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина (Косово), каде што и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесет самостојни изложби во земјава и во странство. Меџити бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на здружението на ликовни уметници „Драудакум“ од Гостивар, како и основач на Факултетот за ликовна уметност при Државниот тетовски универзитет. Активно се занимава со сликарство и скулптура.

Оваа изложба беше презентирана во Националната галерија, каде што Меџити се претстави со триесетина дела – слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случки од природата, урбаната средина и пејзажите пренесува во тоналитет на светли бои, до смирена бела и контрастна црна. Изложбата е насловена „Сертификат за кафе“ поради триптихот што е создаден во доба на глобалната пандемија.

– Јаснотијата на линијата и изворната чистота на формата пленат во најновите слики на академскиот уметник Башким Меџити, кој по тринаесет години повторно изложува во Националната галерија на РС Македонија. Основното тежнеење на Меџити е во тоа да создава како што чекори, да слика како што дише – вели историчарката на уметност, кураторката Маја Крстевска.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена во наредните 15 дена.