Коле Ангеловски е еден од најплодните македонски режисери, а само на фестивалот „Охридско лето“ има режирано 27 театарски претстави досега
Народниот театар – Охрид вчеравечер ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, со премиерата на „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски. Професионалните актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ-Вељаноска и Марија Новак покажаа извонредна игра и не го криеја задоволството што работеа со еден од најголемите и најгледани македонски режисери, Коле Ангеловски.
Тие на сцената во центарот за култура „Григор Прличев“ донесоа претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта, за ведрата страна на животот, за малите искри во секој човек.
– Чест и задоволство е да се работи со еден од корените на македонскиот театар и македонскиот филм, коренот што има име и презиме, Коле Ангеловски. Поминавме еден прекрасен процес и можам да кажам дека воопшто не го ни почувствувавме како процес, како товар или оптоварување. Одлична адаптација на текстот направена од страна на Коле – истакна актерот Стрезо Стаматовски.
И актерот Никола Тодоровски потврди дека самиот процес на креирање на претставата не се ни почувствувал од страна на актерите бидејќи, како што кажа, соработувале токму со режисерот Ангеловски.
Коле Ангеловски е еден од најплодните македонски режисери, а само на фестивалот „Охридско лето“ има режирано 27 театарски претстави досега.
Театарската претставата „Секс, лаги и љубомора“ вчеравечер предизвика огромен интерес кај публиката, а како што најавуваат од Народниот театар – Охрид, претставата наесен ќе се најде на нивниот редовен драмски репертоар.