По отворањето на изложбата на МСУ во „Кунстхале“ – Виена

Практикувањето солидарност значи припадност и споделување, рече Мира Гаќина, директорката на МСУ, во пресрет на отворањето на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“, во галерискиот простор на „Кунстхале“ – Виена, каде што годишно поминуваат над 75.000 посетители, а само на отворањето имаше повеќе од 1.500 гости. Изложбата ќе биде отворена до крајот на јануари 2024 година.
Македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска пред виенската публика ја претставија својата просторна инсталација. По официјалното отворање на изложбата, посетителите имаа можност одблиску да ги запознаат современите уметници, кои избраа дела од колекцијата на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог со тие дела и нивната авторска работа.
Македонските уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска се помеѓу шестемина меѓународни уметници што учествуваа во изложбата и создадоа нова просторна инсталација со наслов „Ол тингс флоуинг“, инспирирана од делата на сликарот Душан Перчинков и вајарката Анета Светиева.
– Делата на Перчинков, и покрај својата аналитичност и геометриска редуцираност во изразот, тргнуваат од емоција поттикната од доживување на пределот. Во исто време, нерафинираните и експресивни скулптури на Светиева зборуваат за речиси антрополошко разбирање на поимите простор и предел – велат уметниците.
Пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми претходно се одржа конференција за печат во „Кунстхале“ – Виена, по повод изложбата „Ниедно чувство не е конечно“. Колекцијата на солидарноста содржи дела од вредната и уникатна колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. По завршувањето на пресот, шестемина современи уметници вклучени во изложбата ги објаснија пред медиумите својот концепт и дијалог со делата од колекцијата на МСУ.

Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно ги поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. Во таа смисла, кураторките поканија четворица меѓународни современи уметници и една уметничка двојка: Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог меѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како уметниците ја доживуваат оваа збирка денес, настаната преку светската солидарност. Во проектот е вклучена и фотографката Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, како и писателката Барби Марковиќ (Виена), која напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која содржи над 5.500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект. Од колекцијата на МСУ, на изложбата во Виена се претставени дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на градот Скопје и од архивата на МСУ. На изложбата се претставени и пет архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, кои пред свеченото отворање на изложбата одржаа и предавање. В.Д.