Издавачката куќа „Норша издаваштво“ го објави романот „Прекачување“ на Матеј Хоржава, превод од чешки на македонски јазик на Драган Георгиевски.
Книгата „Прекачување“ на македонскиот читател му ја претставува Грузија заедно со обичаите и секојдневието на грузискиот народ, кој иако навидум изгледа далечен, сепак по многу нешта личи на македонскиот народ. Претставувајќи го и специфичното грузиско писмо, сметаме дека книгата ќе стане вреден дел од сечија домашна библиотека. Авторот Хоржава не ѝ е непознат на македонската публика, затоа што неговиот роман „Ракија“ е издаден на македонски јазик во превод од истиот преведувач.
Издавачката куќа „Норша издаваштво“ е млада издавачка куќа, која се труди да го промени светот со своите изданија, главно, на преводна литература.
– Една од замислите што ја прави „Норша“ посебна е што преведувачот го добива своето заслужено место на корицата како втор автор на делото, што е новина на нашите простори. Досега ги издаде следните книги: „Горилочувар“ од аргентинскиот автор Роберто Арлт, збирка раскази за Африка и Истокот, „Тивко врескај, братче“ од чешката писателка Ивона Бжезинова, роман за аутизмот во сите негови бои, и „Сестра Смрт“ од чешкиот писател Даниел Петр, детективски роман според вистински настан. Издавачката куќа планира во текот на 2022 година да се претстави со нови изданија, меѓу кои ќе се најдат и преводи од словачки и бугарски јазик – информираат од „Норша издаваштво“.