По хрватската турнеја на македонскиот оркестар
Рекордно продадени концерти, изблици на еуфорија, громогласни аплаузи, како и голем број осврти и написи во хрватските медиуми, ја означија првата официјална интернационална турнеја на Националниот џез-оркестар, кој настапи со Рамбо Амадеус на три престижни концертни сцени на хрватското приморје.
– Сѐ уште одѕвонуваат громогласните овации и одекот во хрватските медиуми, по завршувањето на настапите од мини-турнејата на Националниот џез-оркестар со Рамбо Амадеус. Овој високопрофесионален музичко-театарски концепт ги надмина границите на класичната концертна изведба и, како што пишуваат „Слободна Далмација“ и другите медиуми, „кога ќе се додадат сите епитети во прилог на ова концертно доживување, кое не може да има ригидна дефиниција во припадноста на жанрот и видот, фактички тоа уметничко дело добива епско значење“ – велат од Националниот џез-оркестар по враќањето од хрватската турнеја.
Долго ќе се памети нивниот концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации на публиката што во Сплит ги повикува музичарите на бис, а музичката критика го оцени овој настап како ексклузивен, кој можеби никогаш не се случил на оваа сцена.
– Уште сме под импресии иако има веќе неколку дена откако ја завршивме нашата турнеја низ Хрватска во рамките на која беа реализирани три концерти на кои со нас настапи нашиот пријател, извонредниот уметник Рамбо Амадеус. Уште еднаш, оваа наша соработка се покажа како исклучително успешна, а пред публиката се претставивме со биг-бенд аранжманите на композициите на Рамбо, подготвени од нашите членови, кои македонската публика имаше можност да ги чуе пред година и пол на концертот што се одржа на сцената на Филхармонијата – велат од оркестарот.
Овој пат трите концерти обединија три различни контексти и хронотопи, при што првиот настап беше на 25 јуни во Шибеник, во тврдината Св. Миховила, следуваше концертот на 28 јуни, во рамките на првото издание на фестивалот „Ајланд Вис мјузик бриз“ и концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, кој се одржа на 1 јули.