Првиот број на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ за 2022 година опфаќа 42 прилога на 162 страници, вклучувајќи: шест прилози проза, шест прилози поезија, драмски текст, шест приопштувања, пет интерпретации, дванаесет вреднувања, интервју, истражување, како и четири одбележувачки текстови посветени на четирите знаменити македонски авторски имиња што нè напуштија оваа година: Радован П. Цветковски, Драги Михајловски, Радован Павловски и Луан Старова.
Бројот е отворен со истражување на потенцијалот и можностите за отворање агенција за книга, која би имала задача да помогне во претставувањето и афирмацијата на македонската литература во светот во авторство на Верица Мукоска, потоа следува избор на проза од: Стефан Марковски, Сашко Насев, Митко Маџунков, Митко Бојаџиски, Владо Јаневски и Софија Тодороска. Авторите Димитар Пандев, Милчо Мисоски, Гордана Каракашевска, Кристијан Блажевски, Загорка Поп-Антоска Андовска и Пепи Стамков се застапени со поезија. Во бројот е застапена и драмата „Среќен мртовец“ на Марјан Анѓеловски.
Во прилозите приопштувања се застапени препеви на македонски јазик од повеќе автори. Во рубриката Интерпретации, каде што се застапени есеи и трудови посветени на литературата, доминираат прилози на автори од помладата генерацијa. Има и 12 прилози со рецензии за дела од современата македонска книжевност во делот Вреднувања, вклучувајќи прилози од: Вера Стојчевска-Антиќ, Васил Тоциновски, Снежана Стојчевска, Никола Алтиев, Владимир Мартиновски, Бобан Ристевски, Марина Мијаковска и Долорес Атанасова Лори. Застапено е интервју со српскиот писател Миодраг Мајиќ, кое го водеше Тони Димитров. Илустрациите во првиот број се дело на Буба М. Солак.