Под мотото „Создавање на ликовите од страна на читателот“, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ се одржа промоција на книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески.
– Замислете една од оние „најобични секојдневни“ ситуации што постојано ни се случуваат на сите. Земете ја првата што ќе ви текне. Токму таа или некоја слична таква најбанална секојдневна ситуација (ако не и повеќе) секој од нас многу лесно ќе препознае во книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески, која ќе биде предмет на оваа промотивна литературна вечер. Поради таа непосредност, овие дијалози читателот ќе ги почувствува како исклучително блиски и „свои“, па на моменти дури и интимно идентификувачки – рече модераторот на промоцијата Александар Еленин..
„Дијалози“ од Бојчески е плод на еден непретенциозен, а сепак доволно предизвикувачки и во добра мера успешен опит со формата и структурата на дијалошката форма во литературен контекст.
– Авторот со ова свое дело нема претензии да наметне и востанови нови стандарди во поглед на идејно-тематската обработка и структурно-формалната конципираност. Но, сепак, исходот е книга што е оригинална и во двете споменати насоки. Дијалошката форма во која „гласовите што говорат“ се лишени од персонализација, како и првичното отсуство на временско-просторна контекстуализација на дејството, е заедничка одлика на сите дијалози во оваа книга. Уникатноста на оваа книга е во „дефинирањето на ликовите“ и лоцирањето на дејството во еден хронотописки контекст преку самиот процес на нивното читање. Ликовите ни се „откриваат“ или, поточно, самите ги откриваме и „создаваме“ со самото читање на дијалозите, па на тој начин почнуваме и органски да ги доживуваме како литературни субјекти. Токму поради наведените аргументи, „Дијалози“ е книга со искрен, автентичен пристап во творечкиот израз од страна на Бојчески, која заслужува пошироко внимание – додаде Еленин.
Промотор на книгата беше Виктор Јованоски, а модератор Александар Еленин.
Со своја автентична сценски изведба на некои од дијалозите настанот го облагородија прилепските актери Даниела Иваноска и Димитар Ѓорѓиевски, со режисерот Борис Василески. Ка.М.