Центарот за истражување на национализмот и културата организира промоција на пет кратки едукативни видеа изработени со помош на концептот на „испреплетена историја“. На настанот ќе бидат прикажани петте подготвени видеа, проследени со отворена дискусија на која ќе учествуваат историчарот Дарко Стојанов (во својство на главен консултант во подготовката на видеата) и историчарката Ивана Хаџиевска. Разговорот ќе го води Јован Близнаковски. Настанот ќе се одржи во џебното кино на Младинскиот културен центар, на 25 ноември, во 19 часот.
Концептот на „испреплетена историја“ е историографски концепт што поаѓа од меѓукултурната перспектива и идејата за меѓусебна поврзаност на општествата, групите и индивидуите; како и другите „типични“ единици на анализа во историската наука: нациите, империите или цивилизациите. Како таков, овој концепт често доаѓа во судир со концептот на „национална историја“, кој, од друга страна, ги истакнува меѓусебната разделеност и специфичност. Плод на оваа работа се пет кратки видеа на неколку историски „провокативни“ теми: животните приказни на Григор Прличев и Тодор Паница, дејноста на учителките Недела и Станислава Петкова, продукцијата на списанието „Македонка“ во повоениот период и споделениот религиски храм „Св. Никола / Хад’р Баба“ во Македонски Брод. Петте екранизирани приказни соодветно ја прикажуваат испреплетеноста на историските текови меѓу повеќе национално разделени општества на Балканскиот Полуостров, понудувајќи им на едукаторите, истражувачите, експертите, учениците, студентите и на јавноста свежи перспективи за минатите историски настани.