Вработените во Филхармонија, денеска, на нов протест пред Владата, повторно побараа промена на одлуката во објектот наменет за потребите на симфонискиот оркестар да биде сместена уште една институција.
– Првична идеја беше новата институција да биде постојано сместена во објектот на Македонската филхармонија, а дури потоа се додаде референцијата привремено, за да се изманипулира јавноста дека решението не е постојано – изјави претседателот на Синдикатот на филхармонија, Владимир Лазаревски.
Тој додаде дека доколку се смести уште една институција во нивниот објект, сосема легитимно секој може да бара сместување во Филхармонија, и така тие засекогаш да го изгубат работниот простор.
– Нашата концертна сала ја добивме по 77-годишна борба за сопствен дом – изјави Лазаревски истакнувајќи дека голема поддршка добиваат од нивните колеги од Белградската филхармонија, чија сала, како што рече, за разлика од кај нас, допрва почнува да се гради со голема поддршка од маестро Зубин Мехта кој неколкупати досега го потенцирал значењето на сопствен концертен простор за секој синфониски концерт во светот.
Лазаревски најави интензивирање на протестите од следната недела, а ќе се одржуваат пред зградата Филхармонија пред почетокот на концертот на Белградската филхармонија и маестро Зубин Мехта на 24 јуни.
– Нашата борба е искрена и не е лична! Нема да се откажеме од неа и ќе протестираме се до конечната промена на оштетената одлука! – порачаа вработените во Македонската филхармонија.