Филмскиот проект во развој „Не се согласувам!“ на сценаристот и режисер Кристијан Ристески и продуцентот Дарко Попов е селектиран за учество на најпрестижната европска програма за развој на сценарија „Еквинокс“. Филмот е црнохуморна социјална драма за еден 65-годишен анархист и неговиот аутистичен внук, кои, откако моќни поединци и системот ќе се свртат против нив, на креативен и луциден начин ќе ги „хакнат“ апсурдите на македонската реалност.
„Не се согласувам!“ е прв селектиран македонски филм и само четврти селектиран филм од регионов во тридецениската историја на „Еквинокс“. Претходниот, „Кво вадис, Аида?“ на Јасмила Жбаниќ, беше номиниран за „оскар“ и ја освои Европската филмска награда за најдобар европски филм.
Во досегашните изданија на „Еквинокс“ ментори на селектираните проекти биле оскаровците: Акива Голдсман, Пол Хагис, Сајмон Бофој и Френк Пирсон, како и Дејвид Маги (две номинации за „оскар“), Ентони Меккарен (БАФТА и две номинации за „оскар“), Шејн Конатон (номинација за „оскар“), Робин Свикорд (номинација за „оскар“), Дени Рубин (БАФТА), Карл Готлиб, Кит Карсон, Рихард Рајтингер, Маркус Бернтштајн и Кристофер Воглер и автор на легендарната книга за пишување сценарија „Рајтер џрни“.