Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест” од Крива Паланка, ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбо-фолк пејач од Србија.
– Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, велат од Министерството за култура.
Ваквата одлука уследи откако беше објавено дека српскиот пејач Аца Лукас на 28 август доаѓа во Крива Паланка и ќе настапи на фестивалот.
Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.
Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.
„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура, како и останати поддржувачи.