Целта на овој фестивал е да се овозможи промоција, презентација и популаризација на книжевноста воопшто, да се овозможи создавање на една субјективна и објективна слика за книжевниот опус и ликот на авторот, вели Елена Ѓорѓевска, една од организаторите на фестивалот
Писателите и писателките Николина Андова Шопова, Иван Шопов, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов од Р Бугарија, Фејзи Бојку, Јорданка Белева од Р Бугарија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина се дел од првиот „Меѓународен фестивал на прозата“, кој се одржува два дена во националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Фестивалот е во организација на институцијата со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општината на Град Куманово.
– Започнуваме манифестација за која се надеваме дека ќе опстои долго, по која ќе бидеме препознатливи и која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид.
Свеченото отворање беше вчера, во фоајето на институцијата. Првата вечер беше посветена на дискусија на темата „Женското писмо и Балканот“, во која учествуваа и нашироко дебатираа нашите гости Јорданка Белева од Бугарија, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина. Фросина Крушкаровска беше модераторка. А вечерта беше збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ – ни изјави Елена Ѓорѓевска, соработничка за литературна дејност.
Вечерва гостите Николина Андова Шопова, Иван Шопов, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов од Р Бугарија и Фејзи Бојку ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања, кои длабоко оставаат траги.
– Празнината ни го дава обликот. А тоа што нѐ уништува, може и да нѐ сочува – е фрагмент од творештвото на Давор Стојановски.
Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски.
– Куманово секогаш бил град на културата. Меѓународниот прозен фестивал само се надоврзува на културната традиција на градот. Се надевам дека со фестивалот ќе се гордееме сите – изјавува Андоновски.
Композицијата на визуелното општење за фестивалот е дело на проф. м-р Стефан Јакимовски.
– Целта на овој фестивал е да се овозможи промоција, презентација и популаризација на книжевноста воопшто, да се овозможи создавање на една субјективна и објективна слика за книжевниот опус и ликот на авторот. Формирање перцепција и доживување на самото дело за публиката ќе значи поттик на сопствените креативни способности или само сладост и себепронаоѓање во делото – истакнува Ѓорѓевска.
Очекуваме голема посетеност на фестивалот, гости од областа на литературата, уметноста и сите што се љубители на пишаниот збор, дополнува таа.