Фото: М.Т.

И годинава се надевам дека Штип ќе биде добар домаќин, а за таа цел сите ќе го дадеме најдоброто од себе. Посакувам добри песни кои ќе го означaт новото време на „Макфест“. Идниот викенд нашиот град ќе биде душата на македонската забавна музика, вели градоначалникот Иван Јорданов

„Фестивалот „Макфест“ не е само фестивал, тој е и традиција и македонски идентитет кога е музиката во прашање. Со години фестивалот расте, па така годинава ќе имаме можност да проследиме издание малку поразлично од сите останати, содржински, органзационо, технички, кое ќе звучи музички многу свежо. Ќе има понешто за сите вкусови, и класичен поп, но ќе прозвучат и модерните трендови, рече Антонио Димитриевски, претставник за односи со јавноста на „Макфест“, отворајќи ја денешната прес-конференција, што се одржа во хотелот „Хилтон“ во Скопје.

Фото: М.Т.

Триесет и осмото фестивалско издание ќе се случи на 20 и 21 октомври во Домот на културата во Штип.

Претставниците на медиумите и дел од учесниците, кои дојдоа на прес-конференцијата ги поздрави и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој рече дека како општина се почестени што се органзиатори на најдобриот и најдолговечниот фестивал на забавни мелодии во земјава.

Роберт Саздов (лево) и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов/Фото: М.Т.

– Бевме едногласни дека сакаме да создадеме фестивал прилагоден на новото време и еве веќе втора година, како покровители, заедно со целиот тим се трудиме да создадеме вистински вредности на македонската музичка сцена. И годинава се надевам дека Штип ќе биде добар домаќин, а за таа цел сите ќе го дадеме најдоброто од себе. Посакувам добри песни кои ќе го означат новото време на „Макефест“. Идниот викенд нашиот град ќе биде душата на македонската забавна музика – рече Јорданов.

Според уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Сазадов, која оваа функција ја извршуваше и лани, годинава на конкурсот распишан во февруари стигнале многу квалитетни песни.

Многу потенцијални хитови

– Имавме лесна задача, на конкурсот стигнаа многу добри песни. Убеден сум дека „Макфест“ годинава ќе понуди многу хитови, дури повеќе отколку што понуди „Евровизија“! Јас, Јован Јованов и останатите членови на Уметничкиот совет очекуваме дека и медиумите и публиката ќе бидат позадоволни годинава и оти ќе имаме подобар фестивал од лани – рече Саздов.

Александар Арсовски, главен координатор од Општина Штип, изјави дека во градот под Исарот се е подготвено за „Макфест 2023“.

– Општина Штип навреме ги презеде сите организациско-технички активности за да имаме еден добар „Макфест“ годинава. Подготовките почнаа со завршувањето на ланскиот фестивал и денес, можеме да кажеме дека сме целосно подготвени за 38. издание, и се надевам дека сите ќе уживаме – изјави Александар Арсовски.

Пред присутните се обрати и Владо Јаневски, една од најголемите македонски поп ѕвезди, кој настапил и на првиот „Макфест“, а ќе пее и годинава.

Сеќавања на првиот настап на Владо Јаневски на „Макфест“

– Јас имам долга историја со „Макфест“ и работна и емотивна. Пред настапот со „Ластовица“ во 1991 година, јас учествував на првиот „Макфест“ во 1986 година, со групата „Бон-тон“. Свирев на калвијатрури, а песната се викаше „Старо купувам“. Тоа беше мое прво застанување на сцената. И не беше тешко да ме вратат годинава, зашто емотивниот момент за мене е многу важен. Бев анонимно дете со голема желба за музика, а кога застанав на бината на која и сега ќе пејам, ми изгледаше голема како „Вембли“. Мене никој не ме виде, ама јас тогаш го видов, го почувствував „Макфест“. И тогаш и во 1991-та, таа атмосфера околу фестивалот за сите нас, учесниците, беше доживување, кога стотици деца чекаа потпис од нас, со радост во очите. Во 1980-те Штип беше центар на музиката на Балканот. Југословенски ѕвезди доаѓаа, некои од нив не беа чуле дотогаш за Штип, но во тие фестивалски денови градот имаше аура на гламур. И на крајот се прашувам, што ќе биде со македонскиот јазик и со македонската музика ако нема фестивали како „Макфест“, на кој јазик ние пејачите ќе пееме – рече Владо Јаневски.

Владо Јаневски (во средина) настапил и на првиот „Макфест“, а ќе пее и годинава/Фото: М.Т.

По распаѓањето на „Ластовица“, тој и уметничкиот директор, соработувале само еднаш во 2001 година, а за некој нивни заеднички настап или можна соработка, Роберт Саздов рече дека во иднина сѐ би можело да се случи.

На прес-конференцијата присуствуваше и Ламбе Алабаковски, кого и лани го слушнавме од макфестовската сцена.

Ламбе Алабаковски/Фото: М.Т.

– „Макфест“ е столб на македонската забавна музика, и досега донесе многу хитови, искрено се надевам дека фестивалот и понатаму ќе трае – посакува Алабаковски.

Од Канада, како член на уметничкиот совет и годинава дојде како засилување Јован Јованов.

– На сите учесници им поскаувам успешен настап. Сакам да посочам дека од лани имаме прогрес во застапенсота на фестивалот на социјалните мрежи и стриминг-платформи. Лани имаше и 20.000 споделувања на мрежата Тикток, што за мене е голем успех. Младите генарции не треба да ги загубиме, напротив треба да ги вратиме и да ги запознаме со она што го нуди фестивалот. Се надеваме дека ги следиме трендовите пред сѐ на Балканот, со што на пејачите ќе им создадеме услови да настапуваат во регионот. Лани песната „Бела“ имаше голем успех, па, се надеваме дека годинава ќе биде уште подобро – рече тој.

Според Јован Јованов не се размислува фестивалот да биде на плејбек. Можеби ќе има подобра матрица, но ќе се пее во живо.

Јован Јованов (лево) дојде од Канада како засилување на уметничкиот совет/Фото: М.Т.

Сите песни ќе се најдат на фестивалско цеде

Потоа сите песни со мали секвеенци ги слушнаа присутните.

Од првата фестивалска вечер на млади надежи, жирито и публиката ќе изберат пет песни, кои ќе бидат изведени утредента на ревијалната вечер, каде ќе слушнеме вкупно 18 фестивалски рефрени. Освен Владо Јаневски и Ламбе, кој ќе пее во дует со Полина, меѓу учесниците се и: Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Симона Поповска, Таско и Ем Џеј, Бојана Скендеровски, Андријана Јаневска, Зоран Илиев и Боно, Давид Миладинов и групата „Љубојна“, која првпат ќе настапи на фестивал на забавна музика.

Награда ќе има само една, за најслушана песна меѓу два фестивала.

Песните ќе бидат ставени на носач на звук, а цедето ќе биде готово до почетокот на фестивалот. Водителската двојка е истата од лани, Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, а ќе има и познати презентери.

Македонска телевизија директно ќе го пренесува „Макфест“ на Прва програма, а ќе го емитува и Македонското радио. М.Т.