По повод претстојното претставување на Република Северна Македонија на престижната меѓународна уметничка манифестација, 59. Биенале во Венеција, в четврток, во објектот „Чифте-амам“, во 19 часот, е закажана прес-конференцијата на која ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.
Проектот „Лендскејп експириенс“ на Роберт Јанкулоски и на Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на Биеналето во Венеција. Kомесарка е Дита Старова Ќерими, директорка на НУ Национална галерија на Република Северна Македонија; куратори се Ана Франговска, виша кустоска во Националната галерија на Република Северна Македонија и Сања Којиќ Младенов, кустос-советничка во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Р Србија.
Инаугурацијата е закажана за 22 април, во 18 часот.
Претставувањето е поддржано од Министерство за култура на Република Северна Македонија.
„Лендскејп експириенс“ на Роберт Јанкулоски и на Моника Мотеска е мултимедијален проект што вклучува видеоинсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот – смрт, убаво – грдо, витално – отровно се во фокусот на овој проект. На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите што демнат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.