„Кодирање“ е самостојна изложба на Тома Димовски, отворена во Музејот на Македонија.
– Денес секој може за која било слика да направи код, а и самата вештачка интелигенција може да прави слики по кодови. Но што се случува со магијата што ја има гледањето на уметничките дела во живо? Дали дигитализацијата ја банализира уметноста или овозможува да биде подостапна? Дали дигитализацијата го банализира животот воопшто, сведувајќи ги емоциите на кодови – пишува во најавата на изложбата.
Не случајно самиот наслов на овој текст личи на почеток. На почеток на некоја промисла, некое писание што треба да одгатне некаква вистина, некакво чувство за некого.
– За некој друг, за некој во трето лице, за некого кого би го познавал, кого би го коментирал, кого би го опеал или толкувал во кураторски текст. Текст што би му се обраќал на колегата, на уметникот што претставува свое дело пред јавноста. Ова во никој случај не е таков текст. Ова по ниту едни стандарди не би посакал да биде таков текст. Невозможно е да се ставам во рамка од кој било аспект пишувајќи ги овие зборови, а да размислувам за Тома – се наведува во кураторскиот текст на Велимир Жерновски кон изложбата „Кодирање“.