Книгата „Девојката смрт“ наградена од ЕУ излезе на македонски

Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Девојката смрт“ од Луцие Фаулерова, која ја доби Наградата за литература на Европската Унија за 2021 година.
Додека се враќа со воз во родното место, на Марија, главниот лик и раскажувач во романот, ѝ се нижат слики од животот во минатото на нејзиното дисфункционално семејство, на младешките радости и таги, пороци, љубов… Почнува од нејзиното речиси идилично детство, но набргу стигнува до мрачните настани од поблиското минато, цело време промислувајќи ги смислата и потребата за постоење во сегашноста. Товарот на сеќавањето изгледа претежок и таа го очекува крајот. Со возот и Марија ќе стигне на својата крајна дестинација. Овој роман ретко дека некого ќе го остави рамнодушен. Иако навидум главната тема во романот е самоубиството, Фаулерова изјавила дека главната тема е слободата. Слободата во смисла на тоа човекот сам да го направи сопствениот избор – дали да живее или не.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Луцие Фаулерова (1989) е чешка писателка. Дипломирала бохемистика на „Палацкиот универзитет“ во Оломоуц. Во 2016 година, заедно со авторката Катерина Шеда, ја напишала книгата „БРНОКС – водич низ брненскиот Бронкс“, за која ја добила наградата „Магнезија литера за журналистика“. Од 2014 година е редакторка на книжевното списание „Алузе“. Најголемиот успех за писателката доаѓа со објавувањето на романот „Девојката смрт“ во 2020 година, за кој ја добива Наградата за литература на Европската Унија за 2021 година.
Книгата е објавена во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги, кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен.