Во галеријата „Фридрих 7“ во Дортмунд, Германија, ќе биде отворена изложбата „Одблесоци“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата ќе биде составена од 16 скулпторски дела од галериски формат, а публиката ќе има можност да ја посети поставката до 7 септември.
– „Одблесоци“ е волшебна изложбена поставка на скулптури, која ги кани гледачите да ги истражат интеракцијата помеѓу формата и светлината и нивната перцепција. Ова визуелно доживување, преку својата прецизна изработка и интригантен концепт, го вклучува набљудувачот во повеќеслојно искуство – од визуелните оптички ефекти до меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. На тој начин, преку изборот на медиум, форма и концептуална длабочина, оваа изложба ги кани гледачите да размислуваат за сложеноста на човечкиот живот. „Одблесоци“ навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија огледални фрагменти, од кои секоја одразува различни аспекти на идентитетот на гледачот. „Одблесоци“ ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и слоевите на нечија личност – наведува историчарот на уметност Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за вајарство, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата за скулптура. Досега има реализирано 34 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградите за скулптура на ДЛУМ во 2014 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје.