Во уметничкиот салон на центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево е отворена изложбата „Циклус-19“, на академската сликарка Христина Зафировска. Изложбата ја сочинуваат 19 дела на темата „Ковид“, кои на апстрактен и сликовит начин ги прикажуваат реалното и невидливото со голо око, инспирирани од промените на животниот тек настанати од пандемијата.
– Целиот серијал од 19 слики се тесно поврзани меѓу себе и го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување – истакна Маја Николоска Сиљаноска од центарот за култура.
Христина Зафироска е родена во Скопје во 1983 година каде што го завршува средното уметничко училиште, отсек применето сликарство, и дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на насока сликарство со графички дизајн. Моментално е магистранд на Факултетот за дизајн и мултимедиа во Скопје. Членка е на ДЛУМ од 2009 година. Зафировска работи на полето на сликарството, графичкиот дизајн, мозаикот, ѕидното сликарство, инсталацијата, сценографијата, цртежот, фотографијата и видеото. З.А.