Во издание на издавачката куќа „Бегемот“ од печат излезе книгата есеи „Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски. Збирката есеи е значаен влог во компаративното проучување и толкување на поезијата на Блаже Конески.

Водејќи грижа и за теориските ставови на Конески, изнесени во неговите есеи, авторот Мартиновски врз анализата на поетскиот опус на доајенот на современата македонска поезија ги применил трите основни модели на компаратистичките истражувања, зацртани од еминентниот компаратист Зоран Константиновиќ: генетско-контактните врски; типолошките аналогии и интердисциплинарните поврзувања. Во првиот дел од книгата, насловен „Век со Конески“, неговата поезија ja чита низ споредбени визури, укажувајќи на врските со делата на голем број писатели и уметници од различни епохи и книжевни традиции: од Хомер, Овидиј и Кавафис до Шимборска, Бродски и Павловиќ; од Данте, Сервантес и Шекспир до Рацин, Шопов и Ренџов; од Његош, Андриќ и Скацел до Ѓузел, Ќулавкова и Дурацовски; од Болер, Пикасо и Сенгор до Мартиноски, Личеноски и Георгиевски. Во вториот дел, именуван „Мигови со Блаже“, преку серија микроесеи и куси записи, Мартиновски фрла новa светлина врз значајни аспекти на поезијата на Конески.

Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, антологичар, книжевен преведувач. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Докторирал на универзитетот „Париз III – Нова Сорбона“. Член е на извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, на Претседателството на ДПМ и на Управниот одбор на СВП.

Автор е на книжевно-теориски студии, збирки есеи, поетски збирки, хаибуни, раскази и книжевни преводи.