Изложбата „Под нулата”, авторски проект од Викторија Димеска, историчар на уметност, синоќа беше отворена во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков” во Прилеп.
„Под нулата” е мултимедијален проект во кој уметниците Анита Јовеска, Атанас Атанасоски, Бојана Артиновска, Викторија Димеска, Давид Атанасоски, Дарко Талески, Елена Димоска – Николоска, Маја Ралева – Миладиновски, Марјан Стојаноски, Методи Исков, Филип Јовески, Филип Перески, Христина Мазнеска и Христијан Нашуловски, ги истражуваат проблемите и решенијата поврзани со климатското затоплување.
Зборувајќи за проектот Викторија Димеска рече дека во него се обединуваат восхитот кон грандиозноста и мистериозноста на природата со современите концепти на одржлив развој и заштита на животната средина од глобалното затоплување.
– Уметниците учесници на изложбата со помош на многубројни цртачки и сликарски, традиционални, комбинирани и експериментални техники, како и применетите нови практики во скулптурата пренесуваат моќна визуелна порака – „грижи се и дејствувај денес, за безгранична и чиста иднина” – истакна Димеска на отворањето на изложбата „Под нулата”. Отворањето на изложбата беше збогатено со настапот на Дуо Волчело. Ка.М.