Ликовниот уметник Ванчо Кеков од Кавадарци со акварелот е преокупиран повеќе од петнаесетина година, целосно посветено го студира и истражува, а резултатот е повеќе од успешен. На големо задоволство на љубителите на акварелот, во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ e отворена негова самостојна изложба на акварели создадени во последниве години. Иако завршил средно уметничко училиште, отсек графика, и Факултет за ликовна уметност, не успеал да се пронајде ниту во графиката ниту во сликањето на платно со маслени бои. Средбата со една уметница акварелистка на ликовна колонија во Бугарија, која му подарува лист квалитетна хартија за акварел, за него претставува иницијална капсула да почне да се испробува во оваа област, да истражува и да експериментира. Зборовите на неговиот професор Ванчо Георгиевски од Педагошкиот факултет дека ги поседува сите предиспозиции да стане добар акварелист одеднаш испливуваат на виделина и целосно го преокупираат во наоѓањето на својот ликовен израз.

– Кога почнав да сликам акварели и ги видов првите слики, сфатив дека сум го нашол вистинскиот пат, почувствував еден спокој и духовен мир. Едноставно се пронајдов како автор и сфатив дека тука гледам своја перспектива. Пронаоѓањето во оваа сликарска техника се одвиваше напоредно со изградбата на мојот нов дом во месноста Моклиште, од каде што потекнува мојот дедо, кој пред речиси 100 години се преселил во Ваташа. Враќањето кон корените во прекрасната природа на Моклиште, пријатната клима и живописните предели каде што во 16 век е изграден манастирот „Св. Никола“, јас ги најдов својот нов дом и спокојот, што се рефлектира во моите акварели, бидејќи најголем дел од мотивите се од Моклиште и околината. Всушност, акварелите се целосна рефлексија на мојот внатрешен порив и спокојот и душевен мир што ги чувствувам во домот и семејството – вели ликовниот уметник Ванчо Кеков.
Различен од акварелите на познатиот кавадаречки уметник Никола Баснарков и неговиот современик исто така од Кавадарци, Лазар Дојчинов, Ванчо Кеков изгради свој ликовен ракопис, препознатлив по топлиот колорит и мајсторски и со голема вештина насликаните предели од Моклиште и тиквешкото поднебје.
Кеков моментално работи како ликовен педагог во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, активно се занимава со сликарство и досега има учествувано на многу изложби и ликовни колонии, меѓутоа ова е негово прво претставување исклучиво со акварели. Покрај тоа што е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, тој паралелно членува во кавадаречкото друштво и во битолското друштво на ликовните уметници.

Мирјана Мукаетова